
Според Иванов, како што јавуваат бугарските медиуми, „Бугарија мора да покаже цврстина, но и храброст и да најде решение за проблемот со Република Северна Македонија во новиот парламент“.
„Вистината треба да се одбрани, но исто така и треба да се најде начин заедно да станеме членови на европското семејство, бидејќи тоа е бугарскиот национален стратешки интерес“, рече Иванов.
Пред изборите Иванов ги изнесе своите ставови во однос на спорот со Македонија и изјави дека историјата не може да се става под килим. Тогаш порача дека македонските власти треба да го убедат бугарското општество дека можат да ги исполнат преземените обврски.
„Треба да се отворат архивите и да се рехабилитираат репересираните од југословенските власти“, рече тогаш Иванов.
Тој уште изјави дека Бугарија не смее да си дозволи да ја остави Република Северна Македонија во орбитата на Белград зашто тоа би било огромен удар врз бугарските национални интереси. Според Иванов, многу важно е на власта во Скопје да ѝ се кажат две работи, едната е историјата да не се става под килим, а втората е проблемот со довербата.
„Властите во Република Северна Македонија треба да не убедат дека се способни да ги исполнат обврските за добрососедски односи, зближување и демократизација во нивната земја бидејќи, за жал изминатите години оставија сомнеж во определбата да ги исполнат ветувањата кои се даваат од Скопје“, изјави Иванов.
Според него, бугарското општество не може да се откаже од инструментот за гарантирање на сопствените интереси врз база на ветувања, бидејќи не се сигурни дека тие ветувања ќе се исполнат.
Во денешното обраќање пред Народното собрание, Иванов уште кажа дека
нивните приоритети ќе бидат справување со новиот четврти бран ковид-19 и борбата против корупцијата.






