Во писмото до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и до еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, ЕФА во име на македонското малцинство повика да се испитаат случаите на дискриминација и говор на омраза против Македонците и Бугарија без приговор да почне да ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човековите права.
„Во име на Европската слободна алијанса и нашата членка, партијата ОМО Илинден – Пирин, изразуваме загриженост за положбата на македонското малцинство во Бугарија, за тоа дека со години македонското малцинство е изложено на малтретирање од страна на државата и му се негираат основните човекови права кои се загарантирани според законите на ЕУ.
Регистрирањето на македонските организации честопати се блокира од страна на бугарската држава, а говорот на омраза и дискриминацијата против малцинството е сеприсутна.
Мора да се воспостави активен дијалог меѓу државата и претставниците на малцинството, со цел да се разрешат овие проблеми. Правата на малцинствата се универзални и сите случаи на нивно кршење мора да се испитаат и да следи соодветна реакција“, се вели во писмото на Европската слободна алијанса до раководството на ЕУ.






