„Апелираме од ДИК до полициските службеници да им овозможат на новинарите непречено да си ја извршуваат својата работа“, рече на почетокот од третата прес-конференција во 13.30 часот претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски откако и до Комисијата било пријавено дека акредитирана новинарска екипа на Сител била попречувана во својата работа пред еден од објектите каде се гласа.
Даштевски рече дека денешниот ден е мирен и регуларен од аспект на изборите и дека се надминати проблемите со биометриските уреди. Тој упати апел изборите да минат до крај демократски и регуларно.
„За разлика од првиот изборен круг немаме создавање на редици пред гласачките места. Јас пред малку гласав и не чекав повеќе од пет минути, а минатиот пат чекав околу еден час, изјави Даштевски”.
Излезноста до 13 часот на ниво на држава изнесува 24,87 отсто, односно на гласање излегле 269.674 гласачи.
„Тоа значи дека излезноста е поголема од излезноста во првиот изборен круг во истото време – 13 часот“, рече Даштевски.
Најголема излезноста е во Вевчани – над 52 проценти, Ранковце 47 прценти, Демир Капија 44 проценти, Конче – 42 отсто, Пехчево исто така над 42 отсто, Лозово 35 отсто, Гевгелија 34 отсто, Охрид 30 отсто, Карпош 29 отсто. Во Сарај е мала излезноста со 9 проценти, а Шуто Оризари 14 отсто.
Во текот на денешниот ден има 178 приговори, од кои 157 се прифатени, 12 се одбиени, а девет се за гласачи кои биле во избирачки списоци, информира Даштевски.






