„Управниот одбор на ФЗО минатиот четврток го одобри годишниот извештај за 2025 година. Минатата година фондот се грижеше за 1.841.000 осигуреници за што вложи 51,5 милијарди денари. Бројот на осигуреници останува стабилен со неопходно свртување внимание дека на двајца активни осигуреници во работен однос има еден пензионер и едно невработено неосигурено лице. Овој тренд треба да се следи многу внимателно. Во однос на финансиите 51,5 милијарди денари е вложувањето во здравството. Тоа е околу 6,13 проценти зголемување во однос на 2024 година и петта година по ред има зголемување на буџетот на ФЗО. Издвојувањето за Фондот се околу 4,95 проценти од БДП на земјата, а заедно со издвојувањето за здравството во Министерството за здравство, издвојувањето е околу 5,31 отсто од БДП и околу 13 отсто од буџетот на Македонија“, рече генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски.
Посочи дека со овие финансиски показатели сме во средината на табелата со земјите од регионот, највисоко се Словенија и Хрватска со над седум отсто издвојување од БДП, со околу 5,5 отсто издвојување од БДП се Србија, Македонија и Босна и Херцеговина, а Албанија и Косово се со пониски издвојувања.
„Најголем дел од финансиите се наменети за јавното здравство. За забележување е дека во 2025 година го имавме и историското зголемување на капитациите за матичните лекари, од 33 проценти, што е најголемо зголемување по повеќе од една деценија. Имаме раст на сите услуги и во болничкото лекување и во специфичните здравствени услуги како кардиохирургија, дијализа, офталмологија итн. и имаме раст во надоместоците за боледување, растат и износите за породилни боледувања кои се околу 72 милиони евра во 2025 година и покрај тоа што бројот на породилни отсуства е ист. Делумно тоа се должи на зголемување на платите во 2025 година“, појасни Клековски.
На институционално ниво, потенцира тој, минатата година одбележавме 25 години грижа за здравјето на граѓаните на Македонија.
„Имаше неколку промени, воведовме шест бесплатни обиди за ин витро, се намали рокот за одлучување за лекување во странство од 45 на 30 дена, се поедностави процедурата, истовремено за ин витро се направи целосна дигитализација на процесот. Благодарение на зголемената транспарентност од Државниот завод за ревизија бевме оценети како најтранспарентна институција на интернет минатата година“, додаде Клековски.






