вторник, 5 мај 2026

Хуманитарен концерт на Фондација „Ѓорѓи Марјановиќ“ за Ѓурѓовден

Под покровителство на Град Скопје, Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ организира хуманитарен концерт за Ѓурѓовден, 6 мај, во чест на роденденот и именденот на професорот Марјановиќ, со музиката која тој најмногу ја сакаше. Концертот ќе се одржи во Салон 19.19, со почеток во 20 часот, утре, на 6 мај.

Објавено на

часот

Сподели

„Децении наназад, 6 мај беше денот кога домот на професорот беше отворен за сите.
Оваа година, таа традиција ја продолжуваме во јавниот простор, славејќи го неговиот роденден и именден со класичната музика која ја обожаваше. Ве покануваме да бидете дел од новиот начин на кој го чуваме неговото наследство“, се наведува во поканата на фондацијата.

Истовремено нагласуваат дека овој концерт е повеќе од естетско доживување.

„Тоа е можност за вистинска промена. Во соработка со Детскиот дом ‘11 Октомври’, целосниот приход од влезниците го насочуваме кон фондот за школување ‘Ѓорѓи Марјановиќ’.

Со вашата поддршка, на децата без родители им даваме нешто многу повеќе од знаење – им даваме шанса. Шанса да научат, да напредуваат и да поверуваат во сопствената иднина. Преку јазично и дигитално описменување, им помагаме да изградат сигурна основа врз која ќе го создадат својот пат.

Нашата цел за 2026 година е да обезбедиме едногодишна едукација (англиски јазик и компјутерски вештини) за 20 деца од домот ‘11 Октомври’, наведуваат од Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“.

Со  донација од 1.500 денари се овозможува еден едномесечен курс за едно дете, 3.000 денари обезбедуваат комплетна месечна обука (јазик + ИТ) за едно дете, 24.000 денари значат целосна годишна едукација за едно дете

Секој придонес, без оглед на износот, е чекор поблиску до моментот кога едно дете ќе добие шанса да го промени својот живот“, нагласуваат од Фондацијата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ