сабота, 2 мај 2026

Ципрас од Преспа форумот ја охрабри Бугарија да направи исчекор напред

Објавено на

часот

Сподели

Ципрас говореше за Преспанскиот договор и рече дека за него се избориле напредни политички сили, оние сили кои верувале дека разликите се надминуваат со заеднички прифатливи решенија.

„За нас решение не се конфликтите, споровите, ниту студената војна. Ако оставите еден конфликт долго замрзнат, мразот може да го стопат само конфликти. Тој замрзнат проблем креира конфликт, тоа го гледаме во многу земји во светот и го гледаме постојано. Тоа е разликата меѓу напредните и политичарите што градат ѕидови. Конзервативните политичари ги оставаат ѕидовите таму каде што се, ги бојат со различна боја, а отвораат само некоја врата, претежно за економска соработка. Никогаш не се обидуваат да го турнат ѕидот заедно со соседот, стравувајќи дека тој ќе падне и ќе им ја уништи политичката кариера. Ние знаеме колку е тешко да се уриваат ѕидови, но знаеме и како се градат мостови. Тоа го направивме со Зоран со Никола и Никос“, изјави Ципрас.

Како втор предуслов што придонел за постигнување договор за спорот околу името, тој ја наведе свесноста на двајцата лидери на двете држави дека решението мора да го донесат самите тие, а не да чекаат тоа да го направи некој друг.

Тој уште кажа дека имплементацијата на Договорот од Преспа мора да продолжи, посебно со смена на имињата на јавните субјекти и училишните учебници. 

„Единствениот пат да продолжиме напред е да продолжиме да градиме доверба меѓу нас и се разбира, ова е патот за да продолжи интеграцијата на Северна Македонија”, рече Ципрас.

Ципрас потсети на периодот пред 2017 година кога ЕУ одлучи да го замрзне проширувањето кон Балканот и не го менуваше тој став, дури и кога регионот се соочи со бегалската криза.

„Ние бевме тие што ја убедивме ЕУ повторно да погледне кон Западниот Балкан и да ги одмрзне тие процеси. Ние како прогресивни политичари ја презедовме задачата да најдеме добро решение. Рековме дека не прифаќаме враќање на државите од Балканот во војни и национализам“, рече тој.

Ципрас испрати порака до Бугарија со охрабрување да направи исчекор напред.

„Знам многу добро колку е тешко да најдеш решение и излез од чувствителни прашања, но неопходно е тоа да го направи за да се отвори процесот. Неопходно е Бугарија да испрати пораката дека иднината на европскиот Балкан можеме и треба да ја градиме заедно, а не еден спроти друг“, истакна тој, притоа повикувајќи на обнова и на дијалогот меѓу Приштина и Белград.

 
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ