петок, 1 мај 2026

Ако македонскиот јазик е причина да не се приближиме до ЕУ, тогаш така нека биде, вели Димитров

Објавено на

часот

Сподели

„Но, тука има едно ‘ако‘, затоа што ние веќе сторивме сè што можевме. И, искрено, доколку мојот мајчин јазик, македонскиот, е причина за тоа да не можеме да се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека биде. Тогаш, ЕУ и не е тоа што сме мислеле дека е – заедница на вредности“, вели Димитров.

Говорејќи за предизвиците и пречките на патот на Македонија кон ЕУ и на односите со Бугарија во контекст на ветото за отворање на пристапни преговори со ЕУ, Димитров истакнува дека тоа оди на штета и на меѓусоседските односи и на кредибилитетот на Унијата.

„Тоа што Бугарија го доведува во прашање правото на земјата да го обликува својот сопствен идентитет и историја, создаде само горчина во една од најпроевропските земји на континентот. Дали проблематизирањето на македонскиот јазик е во согласност со она за што се залага Европа? Зарем Европа не треба да биде континент каде се негува јазичната и културната разновидност и каде што сите нации се третираат достоинствено и со почит? Зарем прашањето за тоа кои сте и на кој јазик зборувате не е прашање што ги засега единствено и само тие на коишто се однесува?“, изјавил Димитров.

Тој нагласува дека отпочнувањето на преговорите е повеќе од заслужено поради пропуштеното време и преседаните на евроинтегративниот пат, но пред сѐ поради постигнатите резултати во приближување кон европските стандарди и покажаното лидерство и зрелост во решавање на проблемите.

„Изгубивме генерации во чекалната на ЕУ. Го започнавме нашиот пат кон Европа, по Словенија и пред Хрватска. И двете земји станаа членки пред неколку години, а ние сè уште се бориме да ги започнеме пристапните преговори. И, токму кога конечно го решивме прашањето со Преспанскиот договор, опкружени со меѓународни признанија и ветувања за преговори со ЕУ, пред нас се исправа уште една планина“, објаснува Димитров.

Сепак, како што додава, и покрај последното разочарување, Владата останува посветена на остварување на аспирациите за членство во ЕУ и ќе продолжи активно да бара решение, но со истакнување на одредени позиции од кои нема отстапување.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ