Министерот Перински појасни дека по пет години од спроведувањето на Стратегијата, сосема е оправдано да се направи објективен пресек на постигнатото и таму каде што мерките даваат резултати, како што нагласи, да продолжиме со уште поголем интензитет, а таму каде се утврдени слабости и ограничени ефекти, да направиме соодветни корекции. Тоа е суштината на предложените измени и дополнувања кои се резултат на спроведена консултација со сите релевантни чинители за имплементација на стратегијата.
„Стратегијата за регионален развој претставува основен долгорочен и плански документ со кој се утврдуваат принципите, стратешките цели и приоритетите на политиката за рамномерен регионален развој. Предложените измени не претставуваат промена на стратешката развојна насока, туку логичен чекор што произлегува од спроведена анализа и од обврската политиките да ги темелиме на реални податоци и измерени резултати. Стратегијата беше подготвена врз основа на демографски податоци од период пред пописот на населението во 2021 година. Новата демографска слика мора да се вгради во начинот на планирање и спроведување на политиката и во целокупната слика за држава во делот на рамномерниот регионален развој. Покрај усогласувањето со новата демографска слика, ревидираната Стратегија обезбедува јасна усогласеност со националата развојна стратегија 2024-2044, создавајќи единствена рамка за планирање и спроведување на развојните политики на национално ниво“, посочи министерот Перински.
Членовите на собраниската Комисија за локална самоуправа беа информирани дека предложените измени и дополнувања на Стратегијата за регионален развој се водат од три принципи.
„Првиот принцип значи редефинирање и бришење на мерки кои во пракса се покажале како административно тешко спроведливи, односно неспроведливи. Второ, поставување на мерките на начин што ќе обезбедат континуитет и во голема мера применливост во идните владини програми и фискални стратегии, и трето – воведување нови мерки каде оценувањето утврдило празнини, особено во регионалното известување, следење на ефектите и поттикнувањето на порамномерна инвестициска активност“, истакна Перински и додаде дека јавните политики на државата треба да создаваат услови за порамномерен економски раст, подобра инфраструктура, поквалитетни јавни услуги и подобри можности за живот на граѓаните во сите региони.
Комисијата за локална самоуправа со која претседавеше пратеникот Драган Ковачки во целост го прифати предлогот за изменување и дополнување на Стратегијата за регионален развој 2021-2031, изработен од Министерството за локална самоуправа.






