Обвинителките го започнаа распитот укажувајќи на фактите дека Палевски има проблем со почитувањето на законите, наведувајќи ги како аргумент податоците од неговата казнена евиденција дека досега бил осудуван повеќе пати во подолг временски период. До Палевски беше упатено прашањето „ дали е така“?
„Ниту еднаш не се спомна какво било кривично дело врзано со насилие, грабнување и убивање луѓе. Обвинителката заборави да каже дека осудите во Хрватска се условни и казнета е фирмата која не платила фактури, а не јас како физичко лице. Го потсетувам јавниот обвинител дека пак го крши законот зато што не извадил евиденција од судот од Прилеп, каде сум осуден на три години затвор за пресретнување, снимање на телефонски комуникации без разлика што обвинителот од Прилеп барал условна осуда. И сето ова е додека јас сум во притвор во Прилеп, во мое отсуство таму. Обвинителката намерно ја испушти оваа пресуда што го докажува овој политичко-правен случај“, одговори Палевски, алудирајќи дека и ова судење за двојно убиство против него е од политички причини.
Обвинителството на тоа возврати со прашањето – ако сите пресуди во Македонија се донесени поради политички прогон, дали е тоа случај и со пресудите во Хрватска?
„Не, ако беше така јас ќе кажев. Бев јасен и прецизен дека станува збор за штета од 4.000 евра која ја надоместив и никаде не спомнав политички прогон во Хрватска“, рече Палевски.
Обвинитеството го соочи Палевски со една од причините за неговото ненадејно напуштање на Македонија на 30.11.2023 и да замине за Белград, дека тоа била неговата здравствена состојба. Односно го соочуваат со записник од неговата екстрадиција од Турција, во кој е констатирано дека при неговото заминување од Македонија земал: микрофони, таблети, фотоапарати, хард дискови, слушалки, картички на име на партијата Десна со овластувања за него… Според обвинителството, сето ова е констатирано во записник од кој произлегува дека најмалку што носел со себе Палевски била медицинска документација за да оди на второ специјалистичко мислење, без при тоа да има закажано каков било каков преглед. Од сите констатции произлезе прашањето за Палевски – дали е точно дека се упатил во Белград со друга цел?
„Во мојот исказ наведов најмалку три – четри причини зошто заминав на пат, но со намера да се вратам за роденденот на партијата. Јас тогаш јасно наведов дека кога правите магнетна резонанца добивате право за второ специјалистичко мислење, кое мене ми беше потребно. Првото мислење го имате во доказите, а кои вие не сте ги виделе. Со мене носев две цедеа, кои обвинителството буквално ги украло. Едното цеде е магнетна резонанца од 2016 година, а другото од 2020 година… Кога ќе направите во 2023 година уште една магнетна резонанца ќе се види прогресирањето на болеста. Тоа го има во Систина, но ми беше украдена. ‘Мој тремин’ надвор од Македонија не важи, па затоа во странство тоа се прави приватно. Тоа е мојата логика за да одлучам дали ќе ја оперирам кичмата. Другите причини веќе ги кажав во мојот исказ“, одговори Палевски за причините за неговото ненадејно напуштање на Македонија на 30 ноември 2023 година.
Сепак за обвинителството е премногу чудна брзата одлука на Палевски „сега и веднаш“ да замине за Белград и тоа на изненадување на неговите сопартијци, иако за два дена требало да се одржи Централен комитет, а за 12 дена и конгрес на партијата.
„Шокиран што медиумите не смеат да откријат факт дека ОЈО една и пол година крие пиштол -така шокиран одговарам на прашањето. Никој од сопартијците не бил шокиран, за што не приложивте ни доказ. Вашиот сведок Васил Стојков, убаво ви објасни дека на 30.11.2023 до 12 часот сме се шуткале низ градот и после сме заминале за Белград на регуларен премин, по регуларен автопат по што регуларно, со регуларен пасош се сместив во хотел во Белград, а вечерта имав средба со професор, со кој неколку часа дебатиравме за политика. Како тоа вам ви изгледа, не е битно. Ваша обврска е да доставите доказ“, возврати Палевски на прашањето на обвинителството.
Потоа обвинителството праша зошто Палевски како „разумен и совесен човек“ не се пријавил самиот во полиција во Турција, зашто како што самиот кажал во исказот, отишол во пицерија во Баликесир (Турција) и чекал да го уапсат.
„Не е така. Во мојот исказ кажав дека отидов да ја вратам картичката на сопственикот на станот таму, за да не му направам проблем. Таму во пицеријата имаше интернет и таму ги видов сликите што Гаврил Бубевски и Оливер Спасовски ги испратија до медиумите. Јасно беше дека ќе бидам уапсен, а со оглед на големината на Баликесир, за 48 часа не можете да знаете каде се наоѓа судот, полицијата… И онака на сите вести беше мојот лик, па секако ќе ме најдеа“, одговори Палевски.
Меѓу одземените работи од Палевски бил и неговиот ‘ајфон’, за кој обвинетелството вели дека го дал кодот, и исто како и за лаптоповите.
„Тоа е делумно точно. За ‘ајфонот“, јас го отклучив за да се извадат од него сите докази кои се во моја корист. Доколку внимателно го прочитавте вештачењето, ќе видете дека и на ‘ајфонот’ и ‘макбукот’ имаат еден ист ‘клауд’ и сите три уреди имаат идентично: фотографиите, веб- историјата, телефонските броеви, сите апликации за комуникација се идентични во лаптопот и телефонот ‘ајфон А13’. И ако видевте убаво, ќе видите дека пораките покажуваат дека вашиот сведок Ерол Османов дека лаже. А телефонот го отворив и за да докажам дека Велибор Манев лаже дека јас сум ги носел кај местото Дупки. А и телефонот докажува дека сте направиле фалсификат на две страници од Македонски телеком. Телефонот исто така докажа уште една ваша грешка, а тоа е дека не постои базна станица Градежен факултет, а на која е уредно евидентирана и оштетената Вања Ѓорчевска. Но Љупчо Палевски на таа базна станица не постои, а не постои и ниту еден друг податок за ниту една друга базна станица за ‘ајфонот’ наспроти. Затоа телефонот беше отклучен во мај, а вештачењето беше во јули месец 2024 година“, вели Палевски на распитот.
Во однос на користење на возилото ‘рено кангу’, обвинителството се повика на исказот на Палевски, кој рекол дека иако ‘кангуто’ се гледа на видеата, дека всушност се совпаѓало времето со настанот од Демир Капија. Според обвинителството, испитана сопственичка на ‘кангуто’ и нејзиниот сопруг јасно кажале дека рено возилото не му било дадено на Палевски на располагање во мај, па невозможно е тоа да е забележано на 5.5.2023 година за настанот кај Демир Капија.
„Не е точно тоа. ‘Реното’ ни беше дадено на располагање, но во тој период инцидентно, а она што го кажа сопственичката Ќириќ е кога возилото ѝ беше дадено на партијата“, одговори Палевски на прашањата на обвинителството во првиот дел од денешното рочиште.
Во понатамошниот тек на распитот, од обвинителството го прашаа Палевски зошто не повикал како сведок сопартиец со кој разговарал додека на 27.11.2023 во 8:30 наутро го шетал кучето, но како што кажал првообвинетиот не се сеќавал кој е тој.
„Тоа лице постои, претепано е од вашата истрага. Jас не се сеќавам на името и презимето, но мојата одбрана подготвува некои чекори кои не мора да ви ги објаснувам. Кога и како ќе се осмели тоа лице да се појави пред судот не знам, но за разлика од ЈО, моите тврдења до сега, како и за пиштолот кој недостасува се поткрепени со материјални докази“, одговори Палевски.
Потоа од обвинителството прашаа дали однапред платил кирија за декември и покрај лошата финансиска состојба на партијата за да си обезбеди алиби.
„Токму затоа што не сум правел алиби како што сум можел покажува нешто друго, а не да грабнуваш и убиваш. Дополнително слушнавте дека обвинетите рекоа дека се плашеле од мене, тогаш зошто би убивал кога сум можел само да им наредам да го направат тоа“, рече Палевски.
Во врска со една од тезите на Палевски од сведочењата на претходните рочишта, дека криминален ум би ја убил Зорица (мајката), а не Вања Ѓорчевска бидејќи обвинетиот Александар Ѓорчевски (таткото) би наследил половина од имотот, обвинителството праша дали тој знаел дека Зорица и Александар се разведени и дека во случај на евентуално ликвидирање на Зорица, Александар не би наследил ништо.
„Не, не ми беше познато. Прашањето ја навредува интелигенцијата на просечен човек и јас така го доживувам ова, затоа што вашиот мотив за кој ме обвинувате е нелогичен затоа што не приложивте никаков доказ за мотивот за убиството, како што тврдите вие користољубие. Затоа дадов пример за тој криминален ум. Јас во списите прочитав дека Александар го поседува најскапиот имот, а тоа е станот кај ‘Фонтана’ и дека остатокот од имотот, доколку биде убиена мајката на детето, а не децата – токму Александар би бил законски старател на децата. Токму затоа мотивот е нелогичен“, одговори Палевски.
Последното прашање од обвинителството на денешното рочиште беше за повиците што Палевски ги добивал на секои две минути на 22.11.2023, односно дали тоа значи ли ова дека до 12 часот не одговарал на повиците, па после 12 се слушал со сите на секои две минути?
„Не со сите, туку само со секретарот на партијата и со Џолев. Другите ме барале после 12 часот. Вие знаете дека скоро никој не ми ѕвони до 12 часот, зашто спијам до подоцна. Ги прегледав сите 120 страници од извештајот на Телеком и во нив никаде нема базни станици на Љупчо Палевски, како што нема базна станица за разговорот со Мери Минчева, тој ден сѐ до 16 и 30, а тоа е направено затоа што тој разговор од седум минути е поделен на седум разговори по 60 секунди. Но поделбата од седум разговори е од 13 часот сѐ до 16 часот и некоја минута. Па затоа се прашувам, како е поправен котелот на сведокот Османи кога ме нема на базните станици во Бутел. Затоа побарав и јас листа од Телеком, но судот ме одби“, одговори Палевски.
Со ова заврши распитот на Обвинителството, другите обвинети и нивните адвокати немаа прашања за Палевски. Сепак судот имаше прашање во врска со снимките од магнетната резонанца од ‘рбетот на Палевски, од 2016 и 2020 година, односно дали ги имал со себе кога заминал за Белград на 30 ноември 2023 година. Палевски одговори дека ги имал со себе и сите предмети му биле одземени, но двете снимки од магнетната резонанца ги немало во списокот, но може да ги испратат од болницата Систина.
Искра Опетческа