Како што информираат од Јавното обвинителство, малолетничките, од кои една на возраст од 17 и три на возраст од 14 години, во два одвоени настани, учествувале во дејствија на насилство кон друго 13-годишно девојче и за нив постапката се води согласно Законот за правда за децата.
„Имајќи ги предвид сите околности, тежината и начинот на сторување на делото, јавниот обвинител до судијата за деца достави и предлог за определување мерки на претпазливост за малолетничките“, велат од Јавното обвинителство.
Во меѓувреме, во врска со истите настани, до Основното јавно обвинителство Скопје вчера се доставени шест кривични пријави за кривично дело запуштање и малтретирање дете, против родителите на четирите деца, кои според Обвинителството, ја запоставиле својата должност за грижа и воспитување, а како резултат на тоа децата го извршиле кривичното дело насилство, односно физички ја нападнале 13-годишната малолетничка во Ѓорче Петров.
„Пријавите се распоредени и по нив се постапува за обезбедување докази за проверка на наводите во редовна постапка“, велат од Јавното обвинителство.
Во врска со овој случај и сомнежите дека четири малолетнички вршеле насилство врз 13 годишно девојче во скопската општина Ѓорче Петров, предмет отвори и Народниот правобранител.
Од институцијата оценија дека ваквите настани претставуваат тежок облик на повреда на правата и достоинството на детето и укажуваат на сериозни слабости во системот на превенција и заштита од насилство во образовните установи.
Според достапните информации, иако надлежните институции презеле одредени активности, Народниот правобранител во денешното соопштение укажува дека формалното постапување не е доволно.
„Неопходно е да се обезбеди целосна, навремена и координирана заштита на детето жртва, како и да се утврдат сите околности и евентуални пропусти во постапувањето на надлежните субјекти“, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.
Особено се нагласува потребата од спречување на секундарна виктимизација на детето преку внимателно и стручно постапување, избегнување повеќекратни сослушувања и заштита на приватноста и достоинството на жртвата.
„Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива и ќе побара детални информации од училиштето и другите надлежни институции за тоа дали биле преземени сите потребни мерки за превенција и навремена заштита, дали постоеле претходни индикации за насилство и како било постапено по нив, како се обезбедува тековната заштита и поддршка на детето жртва и дали се преземаат соодветни мерки во однос на сторителите“, соопштија од оваа институција.
Воедно, Народниот правобранител упати апел за поголема родителска одговорност и грижа за децата имајќи предвид дека воспитната и заштитната улога на семејството е клучна во спречувањето на насилното однесување. Родителите, како што се посочува во соопштението, имаат обврска активно да го следат однесувањето на своите деца, да препознаваат ризици и навремено да реагираат.
Истовремено, се укажува на значајната улога на центрите за социјална работа како органи надлежни за заштита на правата и најдобриот интерес на детето. Потребно е овие институции да постапуваат поактивно, навремено и координирано, преку преземање мерки за поддршка на семејствата, работа со децата во ризик и спречување понатамошни штетни последици.
„Заштитата и грижата за децата мора да биде сеопфатна, континуирана и заснована на заедничка одговорност на сите фактори во општеството“, се наведува во соопштението.
Воедно, Народниот правобранител апелираше до надлежните институции да постапуваат со највисок степен на итност и одговорност имајќи го предвид најдобриот интерес на детето како водечки принцип.
„Безбедноста на децата не смее да се сведе на формално исполнување на обврските, туку мора да значи реална, ефективна и суштинска заштита“, се потенцира во соопштението.
Народниот правобранител, како што се наведува во соопштението, ќе продолжи внимателно да го следи случајот и навремено ќе ја информира јавноста за утврдените наоди и преземените активности.






