Од институцијата оценуваат дека ваквите настани претставуваат тежок облик на повреда на правата и достоинството на детето и укажуваат на сериозни слабости во системот на превенција и заштита од насилство во образовните установи.
Според достапните информации, иако надлежните институции презеле одредени активности, народниот правобранител во денешното соопштение укажува дека формалното постапување не е доволно.
„Неопходно е да се обезбеди целосна, навремена и координирана заштита на детето жртва, како и да се утврдат сите околности и евентуални пропусти во постапувањето на надлежните субјекти“, велат од канцеларијата на народниот правобранител.
Особено се нагласува потребата од спречување на секундарна виктимизација на детето преку внимателно и стручно постапување, избегнување повеќекратни сослушувања и заштита на приватноста и достоинството на жртвата.
Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива и ќе побара детални информации од училиштето и другите надлежни институции за тоа дали биле преземени сите потребни мерки за превенција и навремена заштита, дали постоеле претходни индикации за насилство и како било постапено по нив, како се обезбедува тековната заштита и поддршка на детето жртва и дали се преземаат соодветни мерки во однос на сторителите.

Воедно, народниот правобранител упатува апел за поголема родителска одговорност и грижа за децата имајќи предвид дека воспитната и заштитната улога на семејството е клучна во спречувањето на насилното однесување. Родителите, како што се посочува во соопштението, имаат обврска активно да го следат однесувањето на своите деца, да препознаваат ризици и навремено да реагираат.
Истовремено, се укажува на значајната улога на центрите за социјална работа како органи надлежни за заштита на правата и најдобриот интерес на детето. Потребно е овие институции да постапуваат поактивно, навремено и координирано, преку преземање мерки за поддршка на семејствата, работа со децата во ризик и спречување понатамошни штетни последици.
„Заштитата и грижата за децата мора да биде сеопфатна, континуирана и заснована на заедничка одговорност на сите фактори во општеството“, се наведува во соопштението.
Воедно, народниот правобранител апелира до надлежните институции да постапуваат со највисок степен на итност и одговорност имајќи го предвид најдобриот интерес на детето како водечки принцип.
„Безбедноста на децата не смее да се сведе на формално исполнување на обврските, туку мора да значи реална, ефективна и суштинска заштита“, се потенцира во соопштението.
Народниот правобранител, како што се наведува во соопштението, ќе продолжи внимателно да го следи случајот и навремено ќе ја информира јавноста за утврдените наоди и преземените активности.

Министерството за внатрешни работи води активна истрага за случајот на врсничко насилство во скопската населба Ѓорче Петров, во кој, според официјалните информации, веќе се повикани на разговор 14 лица, а за дел од нив ќе следуваат соодветни процесни дејствија. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски нагласи дека станува збор за сериозен проблем кој бара институционален, но и поширок општествен ангажман.
„Ова е сериозен проблем кој нè засега сите и кој ќе остане во фокусот на Министерството за внатрешни работи. Во однос на конкретниот случај за кој прашувате, запознаен сум дека се води истрага. Четиринаесет лица се повикани на разговор, а за дел од нив ќе следуваат соодветни процесни дејствија. Во рамки на предметот е вклучено и Јавното обвинителство и се постапува по насока на надлежен јавен обвинител – изјави Тошковски пред промоцијата на Протоколот за лица без државјанство во Клубот на пратениците во Скопје, дополнувајќи дека меѓу повиканите има и родители на ученичките вклучени во случајот.
Тој потенцираше дека јавноста ќе биде информирана за понатамошните чекори, но со внимателен пристап поради тоа што станува збор за малолетници. Истовремено упати порака дека фокусот на врсничкото насилство не смее да се сведе само на репресија.
„Мораме сериозно и континуирано да бидеме фокусирани на овој тип криминалитет. Не само од аспект на Министерството за внатрешни работи, кое дејствува и превентивно и репресивно, туку преку вклучување на сите надлежни институции. Потребен е мултиинституционален и системски пристап. Апсолутно значајна е и улогата на родителите – нивната улога во воспитувањето, нивното однесување и нивната вклученост во образовниот процес на децата. Затоа упатувам апел до сите родители и општествени чинители да се фокусираме заедно на овој проблем. Тој постои, присутен е, дел од случаите излегуваат во јавноста, дел не, но тоа не значи дека не постојат“, рече министерот.
Во врска со прашањето за проширување на ингеренциите на полицијата во борбата против семејното насилство, Тошковски најави значителни зајакнувања на ингеренциите и капацитетите на полицијата во борбата против семејното насилство, со фокус на потенцијалниот сторител и со цел поефикасна заштита на жртвите.
„Фокусот ќе биде на потенцијалниот сторител на насилство, без оглед дали е сопственик на објектот или не, и без оглед каде насилството е извршено. Ова претставува суштинска разлика во однос на досегашните решенија и е целосно усогласено со Истанбулската конвенција“, нагласи Тошковски.
Тој информираше дека Министерството работи на зајакнување на интервенциските тимови и нивно технолошко опремување, вклучително и со современи интелигентни бодикамери.
„Целта ни е интервенциските тимови да бидат опремени со современи и интелигентни бодикамери, кои во реално време ќе ја снимаат фактичката состојба на терен. Со тоа ќе може непобитно да се утврди дали имало физичко насилство, закани или други дејствија“, рече министерот.
Според него, ваквите решенија ќе обезбедат двојна заштита – и за жртвите и за полициските службеници кои професионално постапуваат. Паралелно, се развива и интелигентен систем кој ќе овозможи прибирање аудио и видеодокази преку мобилни уреди, со согласност на жртвата, што дополнително ќе ја зајакне доказната постапка.
„Таквите докази ќе имаат значење и од репресивен и од превентивен аспект. Потенцијалните сторители ќе знаат дека не можат да избегнат одговорност, што ќе влијае одвраќачки“ – истакна Тошковски.
Министерот додаде дека покрај технолошките решенија, се работи и на законски измени, јакнење на човечките капацитети, како и на вклучување граѓански организации како надзорен и советодавен механизам во институционалниот одговор.






