вторник, 19 мај 2026

Во Тајван поднесено обвинение против криминалната група која оперираше од Македонија

Објавено на

часот

Сподели

Во новинарскиот извештај од Тајван се вели дека станува збор за случај на финансиска измама со седиште во Северна Македонија и дека се работи за „олеснување” на жртвите во износ од над 2 милиона американски долари. Членовите на криминалната група во Македонија се претставувале како кинески тајни агенти или обвинители и на кинески државјани им се заканувале со обвинувања за перење на пари.

Тајванскиот обвинител вели дека лице со презиме Чен, на возраст од 31 година, во 2019 година создал измамнички синџир со регрутирање на повеќе лица и започнал операции во Јапонија, Холандија, Црна Гора и во Турција. Неговата тактика била да останува три до четири месеци во секоја земја, со цел да не биде забележана неговата измама од страна на локалните власти.

Во Македонија пристигнал во декември минатата година, а други членови на криминалната група пристигнале во февруари годинава за да изнајмат луксузна вила како нивно седиште. Останатите членови во Тајван купиле авионски билети за регрутираните лица за работа.

„Кога жртвите на измамата немаа доволно пари на своите сметки, тогаш криминалниот синџир ги принудувал да земат пари на заем преку интернет. Тие дури имале членови кои прислушувале телефони на вистински агенти на Бирото за јавна безбедност за да се уверат дека не е откриена измамата”, се вели во извештајот на обвинителот.

Во новинарскиот текст од Тајван се вели дека македонската полиција уапсила 30 членови на криминалната група,запленила голем број на компјутери и друга електронска опрема, а дека лицето Чен бил мозокот на измамата.

Инаку, Јавното обвинителство на Македонија тогаш објави дека 42 лица се откриени при претрес на куќа во Бардовци, четири лица во два хотела, а две лица биле лишени од слобода на граничниот премин Блаце. Целата акција против тајванската криминална група била извршена по замолница од Еуроправда и во соработка со Истражното биро на Министерството за правда на Тајван.

Тајванската криминална група го носела името „Синдикати” и врбувала лицата во Тајван, ветувајќи им подобра работа и поквалитетен живот. Со цел да ги средат административните процедури за патување на жртвите им ги одземале патните исправи, а откако жртвите биле донесени во земјава им биле одземани и мобилните телефони. Според МВР, тие експлоатирани и биле измачувани и тепани.

„Жртвите ги сместувале во куќи и истите постојано биле придружувани од некој од организаторите со цел да бидат контролирани и оневозможени да контактираат со надворешноста. Задачата на жртвите била преку брз интернет да воспоставуваат контакти со потенцијални жртви на финансиска измама. Тие биле поделени во три групи како телефонски оператори што работеле на три нивоа. ‘Операторите’ во првото ниво на жртвите со кои комуницирале, се претставувале како службеници во банка, поштенска служба или осигурителна компанија. Во второто ниво, со цел да прибават целосни лични податоци, се претставувале како полициски службеници и барале доказ од жртвите за извршена уплата на измислена казна врз основа на која ги краделе личните податоци на жртвите. ‘Операторите’ од третото ниво претставувајќи се како обвинители и судии, ги убедувале целните жртви дека ќе се соочат со тешки обвиненија доколку не соработуваат и не префрлат одреден износ на парични средства на сметки што биле наменети за наводно намалување, односно ослободување од казната”, соопшти кон крајот на мај Јавното обвинителство информирајќи за успешната акција на апсење на припадниците на тајванската група.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ