Вчера, од направени 7.571 тестирање регистрирани се 1.074 нови случаи со ковид-19, починале 24 лица, а регистрирани се и 291 оздравен. Само во ковид-центарот во Тетово имало девет починати и 18 хоспитализирани, а поради сериозни компликации од повеќе хронични болести ковид-пациенти биле пренесени и во Скопје.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 166.741, на оздравени пациенти е 151.692, на починати е 5.632, а бројот на активни случаи се искачи на 9.417.
Според податоците на Министерството за здравство вакцинирани се вкупно 638.428 граѓани, а ревакцинирани 495.803, односно аплицирани се вкупно 1.134.231 дози вакцини. Прва доза завчера примиле 13.275, а вкупно се вакцинирале 17.623 граѓани. Со последните бројки, барем една доза вакцина примиле 70 отсто од населението над 70 години, 67 проценти од луѓето над 65 години, 63 отсто од тие што се повозрасни од 60 години и 53 отсто од населението над 50 години, а од возрасната група од 18 до 50 години досега се вакцинирани вкупно 263.716 лица.
Министерството за здравство апелира на масовно вакцинирање за да се спречи тешка форма на болеста и да се намали ризикот од заболување, како и смртен исход. Оттаму потсетуваат дека за вакцинирање не е потребно закажување кое важи само за малолетници од 12 до 17 години кои треба да бидат пријавени за термин на веб-страницата vakcinacija.mk.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера во интервју рече дека имунитетот од вакцината штити многу повеќе од прележана болест.
„Препораките се од сознанија на стручни лица, односно имунолози кои што работат со вакцина, фармаколози, како и професори на фармацевтскиот факултет. Има една студија која што вели дека оние кои се вакцинирани можат да заболат со ризик од 0,07 проценти, а 1,2 отсто од прележаните можат да заболат. Што значи дека кај нив е поголем ризикот и од тука таа препорака за што пократко време од прележувањето, а тоа е после месец дена и дополнителни две недели да се организира севкупниот процес е нешто што на граѓаните допонително им го штити здравјето“, појасни Филипче.
Според двонеделната анализа на Министерството за здравство, на територијата на државата, од позитивните на ковид-19 целосно вакцинирани (со две дози) биле 1.507 лица, односно само 15 проценти.
„Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид. Според двонеделната статистика, 8.374 граѓани од позитивните не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 91, додека само девет отсто од сите 724 моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од две седмици на територија на државата починало 101 лице, 92 пациента од починатите не биле вакцинирани, а само девет лица, односно осум проценти, примиле вакцина, а според анализите, починатите имале повеќе хронични заболувања“, соопшти Министерството.
Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство.
Во анализата за вакцинирани се сметаат лицата вакцинирани со две дози, кои поминале најмалку 14 дена од примањето на втората доза.






