На прес-конференцијата, на која беа присутни, како што беше речено, мнозинството од професорите, беше потсетено дека за в.д. директор МОН го постави Филип Фидановски иако ги немал исполнето законските услови за таа функција, а дека по втор пат е поставен за вршител на должноста, што е спротивно на законските одредби.
Според професорите, тој оневозможува да се конституира Училишен одбор, а дека од Наставничкиот совет ја нема поддршката. Без да почитува мислење и на советот и на стручниот уметнички колектив изработил нови нормативи, поради што некои од професорите од септември можат да останат без работа, а на нивно место „да бидат примени други кадри, можеби по партиски клуч“, велат професорите истакнувајќи дека го имаат дописот од Фидановски адресиран до премиерот Заев и министерката Царовска на кои, за училишни работи, им се обраќа како на сопартијци.

„Токму денеска знаејќи дека ќе одржиме протест и прес-конференција в.д.директорот закажал состанок на наставничкиот совет со цел да не бидеме присутни, односно беа присутни само 12 од 34 членови. И покрај тоа што немаше кворум, на овој состанок се утврдени оценките за прва, втора и трета година, иако класните раководители не беа присутни. Тоа е уште еден доказ дека се работи незаконски, нетранспарентно и нечесно“, беше речено на прес-конференцијата.
Kaко уште еден доказ за лошо и незаконско раководење беше посочено на одлуката во петок, на неработен ден, за задушница, да бидат закажани приемни испити, без оглед што Фидановски изјавил дека училиштето е во временски теснец и дека извештајот мора да биде готов до понеделник. Велат дека тој незаконски си ја зголемил платата бројот на уметнички групи прикажувајќи го како број на паралелки.
Атмофесрата за работа во ова училиште со традиција од седум децении и голем углед, сега е доведена на најниски гранки, а загриженост пројавуваат и учениците и нивните родители, рекоа професорите.

Минатиот месец во училиштето беа испратени инспектори од Просветниот инспекторат. За МКД.мк беше соопштено дека Наставничкиот совет нема ингеренции да иницира разрешување на директор, а за други детали од увидот на инспекторите потоа не беше информирано. Училишниот одбор, кој ги има тие надлежности, пак, според професорите кои протестираа, не е законски конституиран.






