Според МОН, со набавувањето на оваа опрема училиштата се подготвуваат за новата учебна година, со која во пракса започнува и имплементацијата на новата образовна Концепција за основно образование. Со новата Концепција се предвидува учениците од прво и четврто одделение да учат по целосно нови наставни програми и од нови материјали за учење, чија подготовка е во завршна фаза.
„Во наставата во четврто одделение, новина е што предност ќе се даде на дигиталните учебници, кои ќе бидат само една алатка повеќе за успешно совладување на материјалот. За таа цел, МОН обезбеди таблети кои се наменети за учениците од социјално ранливи семејства. На овој начин, овозможуваме еднаков пристап на сите ученици до користење на современи средства за учење, односно даваме можност мултимедија при учењето да користат и учениците кои поради финансиски потешкотии тоа не можеа да си го дозволат порано“, соопштуваат од МОН.
Новите наставни програми, како што додаваат оттаму, треба да обезбедат поголема интерактивност за време на наставата и да го поттикнат креативното и критичко размислување кај учениците.
Спроведувањето на новата Концепција започнува етапно и е предвидено целосно да се воведе во деветтолетката во следните 5-6 години.






