Царовска нагласи дека се следат препораките од здравствените власти и одлуката на Владата и на Главниот кризен штаб, а дека моделот на настава ќе се смени ако Комисијата за заразни болести утврди да има потреба.
„Најнепосакувано е второто и третото сценарио, односно хибридна настава или онлајн како минатата година. Како што препорачуваат и од УНИЦЕФ и ОЕЦД и сите други земји кои се поразвиени од нашата, физичкото присуство е најсоодветно и ние се подготвуваме за овој модел на настава, согласно препораките и на Кризниот штаб и одлуката на Владата“, рече Царовска при посетата на ОУ „Климент Охридски” во Драчево каде што денеска беше претставена мобилна станица за миење раце донација од УНИЦЕФ преку УСАИД.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција Ди Џовани рече дека е најдобро за учениците училиштата да бидат отворени и што подолго да останат отворени и дека за заштита од вирусот ќе важат истите антиковид-мерки што важат и за целата заедница.
„Планот е да почнеме со 100 отсто ученици. Она што е најдобро за заедницата е најдобро и за училиштата. Мерките што важат за сите, треба да важат и за училиштата. Треба да се трудиме вирусот да биде настрана од целата заедница, не само од училиштата“, рече Ди Џовани.
Таа нагласи дека здравјето на децата е најважно, но дека е важно училиштата први да се отвораат, а последни да се затвораат затоа што, како што рече, онлајн-учењето овозможи континуитет и насекаде во светот имаше брз премин за да нема прекин во наставата, но дека онлајн-учењето е само една алатка и не треба целосно да го замени образовниот процес.
-Самите деца сакаат да се вратат во училишните клупи, да бидат лице в лице со своите наставници и меѓу своите соученици. Истражување на УНИЦЕФ неодамна покажа дека 88 проценти од наставниците што работеле со физичко присуство сметаат дека децата немале проблем да се придржуваат до мерките, дури и повеќе од возрасните, а 50 отсто од родителите изјавиле дека би претпочитале нивните деца да се вратат во училишните клупи и дека децата може да се придржуваат на мерките за заштита – физичко растојание, носење маска и миење раце“, истакна Ди Џовани и рече дека со општините напорно се работи за да обезбедат услови за лесно преминување на онлајн-настава доколку има золемување на случаи на зараза.






