
На сајтот на Државиот завод за статистика најдовме податок дека во 2019 година во земјава ученици вкупно биле 259.366, со напомена дека има извесно зголемување на бројот во однос на претходната година.
Со оглед на процентот од 0.01 отсто со кој оперира МОН, пресметавме дека станува збор за 26 ученици, односно близу 30, доколку се земе предвид можноста бројот на учениците во меѓувреме да бил зголемен (а тоа пописот на населението што во моментов се спроведува ќе го покаже).
„Тоа што е особен важно да се потенцира е дека училиштата не се трансмитери на заразата и дека во секој случај кога има појава на ученик или наставник со симптоми на заразата, училиштата постапуваат согласно протоколите и алгоритмите“, велат од МОН во одговорот на прашањата од МКД.мк.
Според вчерашните информации, потврдени и од градоначалниците, во општината Велес имаше 11 ученици кои се позитивни на ковид-19, а еден ученик во Штип. Во овие два града, има вкупно 6 заразени со вирусот од редот на вработените – двајца директори на училишта, наставници, педагози и психолози.
Во Скопје вчера заболен ученик е регистриран во Основното училиште „Гоце Делчев“, а можеби министерот за здравство Венко Филипче мислеше на тоа училиште кога рече еден нов позитивен случај меѓу ученици во Скопје. Но, министерот рече дека има и еден заразен ученик во Велес, но се потврди дека се повеќе. Потврдени случаи има и за средни училишта во Скопје.
Каква е состојбата и во другите општини не дознавме. МОН го знае процентот 0,01 осто заразени ученици, но не и бројот, а како што нагласува, деталните податоци ги знаат другите „надлежни институции“.
На крајот од Министерството пораката: „МОН апелира на доследно почитување на здравствените протоколи и одговорно однесување од страна на сите засегнати чинители во воспитно – образовниот процес, бидејќи само на тој начин ќе ја одржиме наставата со физичко присуство во училница, која е во најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива“.
П.Џ.






