„Важно е сега откако полека, но сигурно работата се презема, после летаргијата којашто ја имаше општината, од страна на државните институции да обезбедиме најпрвин техничка вода, а потоа и да обезбедиме вода за пиење. Останатиот дел, постапува Обвинителството, сите оние коишто се одговорни за ова ќе треба да бидат сослушани и нормално да се преземат мерки против истите. Веќе три лица се идентификувани како такви. Јас колку што знам, определени се мерки за обезбедување. Така што институциите како никогаш досега, во најбрзо време реагирале“, рече Мицкоски.
За задоволување на хигиенските потреби на пациентите и вработените во Гостиварската болница, обезбедена е вода од цистерни.
Од управата на општата болница „Д-р Ферид Мурад“ – Гостивар, информираат дека од синоќа во кругот на болницата е поставена цистерна со вода. Возилото е обезбедена преку соработка со ЈКП „Тетово“ – Тетово и ќе биде на располагање наредниов период.
„Цистерната ќе биде во функција на пациентите и болничкиот персонал за хигиенско-техничките потреби, со цел да се обезбедат што подобри услови за непречено функционирање на болницата“, наведуваат од болничката управа.

Вчера, директорот на болницата Емри Бајрами посочи дека за сите болнички одделенија е обезбедена флаширана вода за пиење, наменета за пациентите и на тој начин имаат пристап до безбедна вода за пиење.
По проблемите кои настанаа со загадувањето на водата во градскиот водовод, болницата се соочи со енормно зголемен број прегледи и наплив на пациенти. Директорот Бајрами нагласи дека персоналот е целосно посветен на надминување на актуелната состојба и продолжува со постојана комуникација и координација со надлежните институции, со цел обезбедување непречено функционирање на здравствените услуги и навремена грижа за пациентите.





