Како што информира Муцунски преку објава на Фејсбук, на средбата било изразено задоволство од развојот на билатералните односи, како и подготвеност за натамошно продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес.
Соговорниците размениле мислења за актуелните меѓународни и регионални случувања, состојбите во рамки на НАТО и безбедносните предизвици, при што било истакнато значењето на американско-македонското стратешко партнерство како важен фактор за стабилноста и безбедноста.
На средбата станало збор и за реформските процеси во државата, вклучително реформите во правосудството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и за реализацијата на инфраструктурните проекти.
Муцунски посочи дека била потврдена заедничката определба за понатамошно унапредување на политичкиот дијалог и билатералните односи, продолжување на активностите во рамки на Стратешкиот дијалог и зајакнување на партнерството во НАТО.






