Од партијата наведуваат дека директорот на АХВ, Оливер Миланов, сноси најголема одговорност за состојбите поврзани со производството, увозот и продажбата на храна што ја консумираат граѓаните.
Според Левица, по претходните случаи на корупција во институции и инспекциски служби под надлежност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, сега јавноста се соочува и со скандал поврзан со небезбедна храна пуштена во промет. Од партијата велат дека наместо навремена контрола и заштита на јавното здравје, биле дозволени производи со состав различен од декларираниот да стигнат до потрошувачите.
Левица потсетува дека неправилности биле утврдени кај производи на повеќе компании, меѓу кои Бела фарм, ПК Златибор, Маврово, Милком, Сентис АГ, Ѓорѓиеви, Тетовска млекара, Продукт и Норд милк.
Особено внимание, според партијата, привлекува фактот што меѓу компаниите кај кои се констатирани неправилности е и млекарата „Ѓорѓиеви“ од Радовиш, чиј сопственик, како што наведуваат, е советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Од Левица сметаат дека тоа отвора сомнежи за можни политички влијанија и институционална заштита.
Воедно, партијата прашува зошто надлежните институции не ги објавиле јавно имињата на сите компании кај кои биле утврдени неправилности, како и зошто предвидените казни, кои според нив изнесуваат околу 3.500 евра, се релативно ниски во однос на профитот на големите млекарници.
Левица повторно побара оставка од министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, а по последниот случај бара оставка и од директорот на АХВ, како и утврдување на негова евентуална кривична одговорност.
Од партијата додаваат дека јавноста има право да знае колку долго траеле овие злоупотреби, кој дозволил производи што не одговараат на декларираниот состав да се продаваат како млеко и млечни производи и дали зад случајот стои поширока мрежа на институционална неодговорност, корупција и политичка заштита.






