Избраниците на Гоце Седлоски уште од самиот старт се најдоа во негатива, бидејќи Оркун Кокчу ја затресе мрежата на Столе Димитриевски веќе во втората минута. Турците продолжија со офанзивниот пристап и во 16. минута преку Чан Узун стигнаа до предност од 2-0.
Македонија во продолжението успеа да воспостави рамнотежа на теренот и се обиде да создаде опасност пред голот на домаќинот, а најдобрата можност во првиот дел ја имаше Езџан Алиоски, чиј удар го одбрани Алтај Бајендир.
На стартот на второто полувреме Седлоски направи повеќе измени и им даде шанса на неколку нови фудбалери, но Турција повторно беше поопасен противник. Денис Ѓул во 53. минута со удар со глава го постигна третиот гол за домашната селекција, која до крајот успеа уште еднаш да ја затресе македонската мрежа преку Алпер Јилмаз за конечни 4-0.
Со овој натпревар Македонија го заврши јунскиот контролен циклус, откако претходно ремизираше против Босна и Херцеговина во Сараево. За нашата селекција денес дебитираа Давор Талески, Сефер Емини и Дарко Додев.






