понеделник, 1 јуни 2026

Италија сака да го промени името на единицата за електричен напон: Дали „волт“ ќе стане „волта“?

Владата на италијанската премиерка Џорџа Мелони одлучи да исправи, како што тврди, историска неправда. Таа предложи единицата на електричен напон волт да се преименува и во иднина да се вика „волта“, по италијанскиот физичар Алесандро Волта.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Единицата за електричен напон е именувана по Волта, пронаоѓачот на електричната батерија и откривачот на волтинска ќелија, многу одамна, но во форма на англизам – волт. Токму ова сака да го промени италијанската влада и да ја врати изгубената буква „а“ во името на единицата.

Според италијанската влада, предлогот е „дел од поширок напор за промовирање на научното наследство на земјата и улогата на Италија во важните меѓународни иницијативи во областа на технолошките иновации“, пренесува Политико. Барањето на Рим веќе беше дискутирано минатата недела во Париз, каде што се наоѓа седиштето на Меѓународното биро за тежини и мерки.

„Италијанскиот предлог оди подалеку од обично лингвистичко прашање и претставува обид да се оддаде значајна историска почит на еден од татковците на модерната наука, чија работа радикално го промени односот на човештвото со електричната енергија и технолошкиот напредок“, изјави италијанскиот вицепремиер Алесио Бути.

Тој потсети дека многу мерни единици именувани по научници ги задржале целосните презимиња на нивните творци во меѓународна употреба.

Така на пример, единицата за фреквенција херц (Hz) е именувана по германскиот физичар Хајнрих Херц, додека единицата за моќност ват (W) е именувана по шкотскиот пронаоѓач Џејмс Ват. Истото важи и за њутн, единица за сила именувана по британскиот научник Исак Њутн, и ом, единица за електричен отпор именувана по германскиот физичар Георг Симон Ом.

Дали италијанскиот предлог ќе биде усвоен и дали волт навистина ќе стане волта, засега е непознато. Политико наведува дека промената прво ќе треба да биде прифатена на национално, а потоа и на меѓународно ниво. Формалното гласање е планирано за октомври оваа година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ