вторник, 2 јуни 2026
Барометар на корупција на Транспаренси интернешнл

Судски функционери осомничени за мито, поранешни директори земале плата и апанажа, ревизорите повторно открија институционални слабости

Мајскиот извештај на Транспаренси интернешнл-Македонија (ТИ-М) нотира сомнежи за корупција во судството, јавните претпријатија и локалната власт, но и отворање постапки за тендерски злоупотреби и поткуп.

Објавено на

часот

Сподели

Транспаренси Интернешнл-Македонија го објави најновиот месечен извештај „Бистро-Матно“ за мај 2026 година, во кој се евидентирани случаи поврзани со коруптивни однесувања, институционални слабости и активности насочени кон борбата против корупцијата.

Меѓу најсериозните случаи во категоријата „матно“ е истрагата против претседател на суд и судски администратор, кои се осомничени дека барале и примиле мито во износ од 8.000 евра за да влијаат врз судски постапки. Според информациите од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, тие како соизвршители се осомничени за примање награда за противзаконито влијание, при што ветувале интервенции кај судии во Основниот суд и Апелацискиот суд во Гостивар.

Како проблематичен е нотиран и случајот со поранешни директори во ТЕЦ Неготино, за кои Државната комисија за спречување на корупцијата поднела пријава до Јавното обвинителство. Според Комисијата, поранешните членови на управните структури истовремено добивале редовна плата и апанажа врз основа на менаџерски договори, при што биле исплатувани дополнителни средства во висина од 12 плати.

Извештајот посочува и на слабости во работењето на Министерството за европски прашања. Државниот завод за ревизија утврдил недоволна ефикасност во следењето на реформските процеси, отсуство на јасни индикатори за мерење на резултатите и ризици од неефикасно користење на ресурсите во процесот на европска интеграција.

Ревизорите констатирале неправилности и во Општина Илинден. Според извештајот, дел од локалните патишта и улици биле изградени без одобренија за градење, а реконструкции на инфраструктурни објекти биле реализирани без соодветна проектна документација. Дополнително, биле утврдени слабости во евидентирањето на имотот и во распределбата на средства за култура и спорт.

Загрижувачки се и податоците од Годишниот извештај на Народниот правобранител, според кој граѓаните во текот на 2025 година најчесто поднесувале претставки за работата на извршителите и судството. Најголем дел од поплаките се однесувале на блокирани сметки, високи трошоци и камати, како и на непочитување на правото на судење во разумен рок.

Во категоријата „бистро“, Транспаренси Интернешнл-Македонија ги издвојува активностите на институциите насочени кон откривање и санкционирање на злоупотребите.

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против петмина вработени во Агенцијата за управување со одземен имот и двајца управители на фирми поради сомнежи за местење тендер за продажба на хаварисани возила како старо железо. Според наводите, со незаконските дејствија било овозможено стекнување противправна имотна корист од над два милиони денари.

Како позитивен пример е наведено и приведувањето на косовски државјанин во кривопаланечкиот регион, кој при полициска контрола на автобус наводно се обидел да даде поткуп од 50 евра на службени лица.

Во извештајот е нотирана и кривичната пријава што Финансиската полиција ја поднесе против градоначалникот на Општина Врапчиште. Тој е осомничен дека ја злоупотребил службената положба при постапка за јавна набавка, откако склучил договор за реконструкција на локален пат пред да биде донесена конечна одлука по жалбена постапка.

Од Транспаренси Интернешнл-Македонија оценуваат дека месечниот преглед „Бистро-Матно“ останува важен показател за состојбите во борбата против корупцијата, но и за подготвеноста на институциите да реагираат на сомнежите за незаконско и неетичко постапување.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ