понеделник, 1 јуни 2026

Мисовски е старо-новиот претседател на НСДП

Горан Мисовски e реизбран за претседател на НСДП на вчера одржаниот Седми конгрес на НСДП. На Конгресот беа избрани Централен одбор со 70 члена и Надзорен одбор со девет члена, информираа денеска од партијата.

Објавено на

часот

Сподели

Покрај изборот на претседател на партијата и партиски органи за мандатниот период 2026-2030 година, делегатите на Конгресот го разгледаа и усвоија Извештајот за работата на НСДП за периодот 2022-2026 година.

Седмиот конгрес на НСДП усвои и неколку програмски документи, Декларација за заштита на трудот, Декларација за намалување на прекарната работа и несигурниот работен однос, како и Етички кодекс на НСДП.

„НСДП ја усвои Декларацијата за заштита на трудот имајќи ги предвид тешката општествена и економска положба на обичните работници, нефункционирањето на економско-социјалниот дијалог, понижувањето на синдикалната борба, како и отсуството на реални кризни мерки за поддршка на најранливите и најзагрозените граѓани. Затоа VII Конгрес на НСДП ја реафирмира заложбата за заштита на трудот и за негово вистинско вреднување во процесот на создавање и распределба на општественото богатство. НСДП останува на уверувањето дека економскиот напредок има смисла само доколку се одразува врз животниот стандард и сигурноста на граѓаните. НСДП со оваа Декларација ја афирмира идејата дека трудот не е само фактор на производство – трудот е капитал, општествена вредност и темел на демократското општество“, се наведува во партиското соопштение.

Со Декларацијата за намалувањето на прекарната работа и несигурниот работен однос, дополнуваат од партијата, НСДП ја препознава прекарната работа како отстапување од стандардниот и достоинствен работен однос. Таа се манифестира преку несигурност на работното место, ниски и нестабилни приходи, ограничен пристап до пензиско и здравствено осигурување, слаба заштита на работничките права и постојан страв од губење на работата.

„Во македонски услови, прекарноста не е само прашање на видот на договорот. Таа претставува поширок социјален и економски проблем што ја намалува вредноста на трудот, ја поткопува средната класа и го забрзува иселувањето на младите и квалификуваните работници. Особено погодени се младите, жените, сезонските работници, работниците во текстилната индустрија, трговијата, угостителството и новите дигитални платформи. Наместо сигурна иднина, тие се соочуваат со нестабилност, ограничени можности за напредок и зависност од краткорочни работни ангажмани. НСДП смета дека оваа состојба не е неизбежна последица на модерната економија, туку резултат на политички и економски избори. Затоа, борбата против прекарната работа претставува борба за достоинствен труд, социјална правда и развој на општество во кое човекот е поважен од профитот“, велат од НСДП.

Со донесувањето на Етичкиот кодекс на НСДП, велат оттаму, се воспоставуваат јасни, применливи и обврзувачки стандарди на етичко однесување, како и основи за нивно доследно спроведување, со цел заштита на угледот на партијата, зајакнување на довербата на граѓаните и унапредување на политичката култура.

„НСДП е определена за доследна и принципиелна борба против корупцијата, злоупотребата на функцијата и судирот на интереси, како и за воспоставување и унапредување на систем на финансиска транспарентност, отчетност и одговорно управување со јавните ресурси, како предуслов за градење доверба на граѓаните во институциите и политичките субјекти. Политичкото делување на членовите и функционерите на НСДП се темели на принципите на законитост, чесност, интегритет, одговорност, транспарентност и доследно почитување на јавниот интерес, како и на унапредување на демократијата, владеењето на правото и човековите права“, се наведува во соопштението на НСДП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ