Според Филипче, од предвидените 16 закони, кои требало да бидат донесени до јуни 2025 година, усвоени биле само шест, а од десетте закони за кои бил продолжен рокот до јуни 2026 година, донесени се само два.
„Реализацијата е само 20 проценти, што покажува дека Владата нема ниту капацитет ниту волја да ги спроведе реформите“, рече Филипче.
Тој посочи дека и некои од законите што Владата ги смета за реализирани не се усогласени со европските стандарди, особено Законот за електронските комуникации и Законот за Судскиот совет.
„Законот за Судскиот совет не е донесен во согласност со препораките на оценската мисија, туку претставува манипулација со која се обидуваат да ја доведат во заблуда Европската Унија“, истакна Филипче.
Според него, постои и листа од 33 закони, кои сè уште не се донесени, а се клучни за реформската агенда и треба да бидат усвоени до крајот на 2026 година.
Филипче оцени дека состојбата со владеењето на правото и независноста на институциите е незадоволителна, а доцнење има и кај законите од енергетиката и финансиската транспарентност, кои се услов за користење средства од Европската Унија.
Тој нагласи дека додека Северна Македонија заостанува, земјите од регионот напредуваат.
„Црна Гора и Албанија веќе ги затвораат поглавјата за преговори, а кај нас реформите стагнираат“, посочи Филипче.
На прес-конференцијата тој повика Владата да распише референдум за европскиот пат на државата.
„Ни на крај памет не ви паѓа како живеат граѓаните тука во државата. Распишете референдум и што побргу продолжете го европскиот пат затоа што немате никакво право, ни политичко ни морално, ова да ѝ го правите на Македонија, но и на генерациите што со години чекаат да се случи европската приказна. Особено на новите и на младите генерации, кои, ако не го направите чекорот, кој не е никаков ризик, нашиот идентитет и јазик, едноставно ќе се иселуваат во сè поголем број“, рече Филипче.
Тој предупреди дека одложувањето на реформите може да доведе до натамошно иселување на младите и пропуштање на, како што оцени, клучна можност за европска иднина на државата.






