Кристоф Ле Риголер, aмбасадор на Франција, нагласи дека темата е релативно нова и во Франција, но податоците се алармантни. Тој посочи дека проектот има четири цели: анализа на состојбата, пилот-проект со новопородени жени, превентивни работилници и размена на добри практики.
„Овде не сме дојдени да делиме лекции, туку да зборуваме за перинаталното ментално здравје, кое е релативно нова тема дури и во Франција, особено по објавувањето на еден извештај пред три години. Студијата покажа навистина загрижувачки податоци за постнаталното здравје кај жените, поврзано со голем број случаи на анксиозност, депресија, па дури и самоубиствени нагони“, рече Ле Риголер додавајќи дека ваквите проекти се клучни за подигнување на свеста и за охрабрување на институциите да преземат конкретни мерки.
Борјан Павловски од ЕСЕ посочи дека преку едукативни активности опфатени се над 110 жени, а кампањата на социјалните медиуми допрела до над 1.000.
„Се покажа дека жените имаат голема потреба од информации за здраво мајчинство, здрава бременост и унапредување на менталното здравје на локално ниво. За многу од нив ова беше првпат да слушнат информации поврзани со менталното здравје за време на бременоста и по породувањето. Очигледна е потребата повеќе да се зборува за оваа тема бидејќи една од пет жени страда од постпородилна депресија. За жал, менталното здравје сè уште е табу-тема, а жените често се срамат да побараат помош“, изјави тој пред настанот.
Павловски додаде дека преку едукации и разговори се разбива стигмата и жените сфаќаат дека не се сами во она што го чувствуваат, што е првиот чекор кон барање стручна поддршка.
Ана Бојчевска-Митревска од „Реактор“ истакна дека перинаталното ментално здравје, иако постојат стратегии и акциски планови, не е препознаено како дел од целокупното здравје.
„Организирани беа и групи за мајки. Интересот беше огромен – во рок од 24 часа се пријавија 150 жени со деца до една година. Формирани беа две групи, кои одржаа 12 средби со психолози и психотерапевти, каде што се работеше на значајни аспекти од психолошкото здравје во перинаталниот период“, изјави Бојчевска-Митревска.
Според неа, решенијата за перинаталното ментално здравје се едноставни и веќе постојат капацитети, но потребна е подобра организација на ресурсите.
„Државата и институциите имаат одговорност да обезбедат достапна и финансиски прифатлива психосоцијална поддршка за мајките“, нагласи таа.
МИА






