четврток, 7 мај 2026

Министерството за европски прашања вршело нереални пописи и пропусти во набавките, склучувало спорни договори, констатираше ДЗР

Вредноста на нематеријалните и материјалните средства, како и на градежните објекти прикажани во билансот на состојба на 31 декември 2024 година, не ја одразува реалната состојба на имотот на Министерството за европски прашања. Дополнително, пописот на средствата и изворите на средства не бил спроведен согласно законските и подзаконските прописи, се наведува во Ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) објавен денеска, а се однесува на извршената ревизија за работата на министерството за 2024 година. ДЗР изврши ревизија на финансиските извештаи на министерството при што е изразено неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, како и мислење со резерва за усогласеност на финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.

Објавено на

часот

Сподели

Во извештајот на ДЗР уште се наведува дека со договори на дело биле ангажирани лица за вршење на работи и задачи за работни места предвидени со актот за систематизација, а министерството не преземало активности за годишно осигурување од пожар и природни непогоди, поплава, кражба на имотот. Констатирани се и слабости во постапките за јавни набавки.

Од ДЗР поочуваат дека е извршена ревизија и издаден е извештај за финансиските извештаи и за усогласеност со закони и прописи на Секретаријатот за европски прашања за 2015  година и изразено е мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на  финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со  релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.

Во ревизоркиот извештај се поочува дека проверката на спроведување на препораките дадени во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2015 година е спроведена во текот на 2017 година, кога е утврдено дека од дадените седум препораки спроведени се две препораки, две препорака се делумно спроведени, една препорака била во тек на спроведување и две препораки не се спроведени.

Во насока на надминување на утврдените состојби, ревизорите дале препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

Како дополнително прашање, ревизорите ја посочуваат состојбата со бифето во Министерството, кое било издадено од страна на Службата за општи и заеднички работи на закупец што вршел угостителски услуги и директно фактурирал кон Министерството, иако немал регулирани деловни односи со институцијата.

Во однос на внатрешните контроли во извештајот се посочува потребата од воведување сертифициран систем за менаџмент со квалитет во согласност со барањата на стандардот ИСО 9001 и потребата од донесување на нови процедури.

„Од страна на законскиот застапник на Министерството за европски прашања и одговорното лице за периодот предмет на ревизија, добиени се забелешки на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор, истите се разгледани и утврдено е дека најголем дел претставуваат известувања за причините за утврдените состојби и преземени активности за нивно надминување. Две забелешки се прифатени, две се делумно прифатени, а дел од забелешките не се прифатени од причина што не се доставени нови докази за промена на утврдените состојби“, се наведува во извештајот од ДЗР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ