За формирањето на овој Комитет, Мицкоски рече дека ова не е само административна одлука.
„Ова е суштинска промена во начинот на кој ќе ја градиме иднината. Зашто јавните инвестиции не се бројки на хартија, тие се патишта по кои се движи економијата, училишта во кои учат нашите деца, болници во кои се лекуваат нашите граѓани, енергетски капацитети кои ја гарантираат стабилноста на државата. Целта што ја поставуваме е јасна: секој денар од буџетот да биде насочен таму каде што создава најголема вредност. Таму каде што носи раст, отвора работни места и го подобрува квалитетот на животот. Времето на стихијно планирање заврши. Доаѓа време на систем, одговорност и резултати.
Листата на проектни идеи која денес ја разгледуваме е резултат на координиран пристап на повеќе институции и претставува силна основа за развој во клучните сектори.
Во транспортот, зборуваме за модерни железници, нови електрични локомотиви, реконструкција на делници и поврзување преку коридорите 8 и 10. Тоа значи побрз проток на стоки, подобра поврзаност и посилна економија.
Во образованието, продолжуваме со инвестиции во инфраструктурата на знаењето, со завршување на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, универзитетот ‘Мајка Тереза’. Затоа што иднината не се гради без силен образовен систем“, рече Мицкоски.






