На новинарско прашање, Мицкоски кажа дека темата ДУИ се затвори денеска и дека не треба да дозволуваме таа да биде присутна повеќе во јавноста.
„Овие избори се порака и за ДУИ. Кога Али Ахмети се удираше во гради дека менувал премиери, реков почекај, непријатно ќе бидеш изненаден. Ова е тој ден. На овие избори политиките на етноцентризам и вештачки теми за орли и зајци се поразени, а се отвора прашањето за реформи во опозицијата. Јас не очекувам послушна опозиција, но далеку покапацитетна од оваа“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во вториот круг, додаде тој, нема место за поделби и суети.
„Нема мали и големи општини. Ова е моментот кога треба да бидеме едно, да ги повикаме сите да ја видат разликата. Сега не е време за опуштање, оти следува втор круг. Последните две недели ќе одиме од човек до човек од куќа до куќа, промената што ја донесовме мора да се потврди. На вториот круг да излеземе масовно, со истата сила како денес, да ја заокружиме победата и да ја започнеме новата етапа на ред и надеж“, кажа Мицкоски.
Тој рече дека нема точна бројка на освоени гласови, но процентуално ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како што кажа, имаат освоено околу четириесет и два, три проценти од вкупниот број гласови што излегоа.
„Процентуално мислам дека имаме повеќе освоено од последните парламентарни, а многу повеќе од тие во 2021“, рече Мицкоски.






