На свеченото отварање свои обраќања ќе имаат проф. д-р Митко Б. Панов, претседател на Меѓународниот организациски и научен комитет; проф.д-р Џузепе Маино, коорганизатор од Унивезитетот во Болоња; проф. д-р Илче Мицевски Игнат, декан на Православниот богословски факултет „св. Климент Охридски“; Анче Илиевска, директорка на Музејот на македонската борба: Паоло Палминтери, амбасадор на Република Италија; г.г. Стефан, архиепископ Охридски и македонски и на Јустинијана Прва и Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
Меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустиниан I” претставува годишен научен форум за презентација на најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии, што го вклучува третманот и интерпретацијата на културното, историското и духовното наследство во современа Европа. Симпозиумот е посветен на императорот Јустинијан I и има за цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа.
Симпозиумот ќе се реализира со комбинирано физичко и онлајн учество. На шесте сесии кои ќе се реализираат во текот на двата работни дена во Музејот на македонската борба и преку онлајн платформата Зум, свои реферати ќе имаат 40-на еминентни проофесори и научници од 16 земји: покрај Македонија – Италија, САД, Велика Британија, Германија, Полска, Украина, Словачка, Финска, Австрија, Србија, Грција, Бугарија, Романија, Русија и Унгарија.
На почетокот од работниот дел, пленарното предавање ќе има еминентниот византолог, проф. Нилс Гал од Универзитетот во Единбург.
Сеопфатниот тематско-содржински концепт на рефератите, потврдува дека симпозиумот „Денови на Јустинијан I”, прераснува во еден од најпрестижните научни собири од ваков вид во регионот и пошироко. Со тоа „Деновите на Јустинијан I”, ја постигнуваaт клучната цел за промоција на културното и историското наследство на Република Македонија, со што Јустинијан I станува културен и историски бренд кој ги обединува земјите и нациите кои го споделуваат византиското наследство, како и научниците од Европа и ширум светот.
Симпозиумот „Денови на Јустинијан I” е традиционално поддржан и вклучен во годишната национална програма на Министерството за култура и туризам, како и од Италијанската амбасада, Музејот на македонската борба, Македонската Православна црква – Охридска архиепископија и Јустинијана Прва и Винаријата Стоби.






