вторник, 21 април 2026

Медицинскиот факултет доби сопствен извор на чиста енергија: ОКТА донираше фотоволтаична централа

Медицинскиот факултет во Скопје од денес функционира со ново, одржливо енергетско решение. Со донација од ОКТА, на покривот на деканатот на институцијата е поставена фотоволтаична централа, која ќе обезбеди чиста електрична енергија, значителни заштеди и намалено влијание врз животната средина.

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за фотоволтаична централа со инсталирана моќност од 40,3 kWp, која годишно ќе произведува околу 54 MWh електрична енергија. Со нејзиното функционирање ќе се избегне емисија на приближно 43,2 тони CO₂ на годишно ниво, што е значаен придонес кон одржливото управување со ресурсите.

„Инвестициите во обновливи извори на енергија се влог во иднината. Особено сме горди кога овие проекти се реализираат во институции кои имаат клучна улога за општеството и подготвуваат кадри кои ќе бидат идните професионалци на земјата. Со оваа донација Медицинскиот факултет во Скопје доби сопствен извор на чиста енергија и стана поодржлива образовна установа, со што се унапредува нејзиното секојдневно работење и се намалува зависноста од надворешни извори на енергија“, изјави Димитриос Пасхос, извршен директор на ОКТА.

Деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, истакна дека оваа инвестиција има конкретно и долгорочно значење за функционирање на институцијата.

„Со поставувањето на фотоволтаичната централа факултетот добива стабилен извор на енергија, што директно ќе влијае врз оптимизација на трошоците и поефикасно управување со ресурсите. Ова за нас значи можност средствата да ги пренасочиме во унапредување на наставата, научно-истражувачката дејност и условите за работа на студентите и кадарот. Истовремено, овој проект е чекор кон позиционирање на факултетот како современа и одговорна институција која активно придонесува кон заштита на животната средина“, нагласи Антовиќ.

Донацијата за Медицинскиот факултет е дел од пошироката стратегија на ОКТА за поддршка на јавни институции преку инвестиции во обновливи извори. Во изминатиот период компанијата реализираше повеќе значајни проекти. Меѓу нив е инсталацијата на фотоволтаични системи и батериски решенија во четири куќи во СОС Детско село во Скопје, со план за целосно енергетско заокружување на комплексот до 2027 година. Со донации на компанијата беа поставени фотоволтаични системи во Центарот за обука на МВР, државните училишта „Наум Охридски“ во Скопје, „Искра“ во Штип и „Кочо Рацин“ во Битола, како и во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во општина Аеродром. Претходно фотоволтаични централи беа поставени и во училиштето „Свети Кирил и Методиј“ во Велес, во градинките „Детска радост“ во Гевгелија и „Пепелашка“ во општина Центар во Скопје, како и во училиштата „Свети Кирил и Методиј“ во Охрид и „Гоце Делчев“ во Илинден.

Компанијата и во наредниот период ќе продолжи со реализација на проекти кои создаваат долгорочна вредност за заедницата и придонесуваат кон поздрава и поодржлива иднина.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ