петок, 14 ноември 2025

Љутков: По уривањето на старата струшка куќа, Мерко го поништил одобрението за градба што сам го издал

Министерството за култура и туризам веднаш ќе почне со изработка на проект за обнова и реставрација на спомен куќата на Владо Малевски со цел да се зачува автентичниот изглед и историскиот дух, што го носи домот на авторот на македонската химна, изјави денеска од Струга, ресорниот министер Зоран Љутков. Љутков денеска присуствуваше и на одбележувањето на враќањето на реставрираното и конзервирано издание на „Пчињското изборно евангелие“, најстариот примерок во библиотечното депо издание од 16 век што се одржа во Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.

Објавено на

часот

Сподели

По посетата на локацијата, каде пред два дена при изведба на градежни работи на индивидуален објект во старото градско јадро беше срушен јужниот ѕид и дел од кровната конструкција од куќа заштитена како културно наследство информира дека инспекциската служба на Управата за заштита на културно наследство констатирала сериозни оштетувања.

„Како министр за култура и туризам, најостро ги осудувам овие дејствија и секоје неодговорно постапување што доведува до уништување или загрозување на заштитени објекти. Културното наследство е непроценливо богатство, кое не смееме да го загрозуваме од небрежност, од несовесност или од краткорочни интереси“, истакна Љутков најавувајќи дека ќе следат соодветни пријави согласно законот.

Министерството за култура и туризм, нагласи, ќе ги вклучи сите надлежни институции, стручни лица и експерти за обнова на објектот, што, според него, ќе биде изведена на најпрофесионален начин и согласно сите принципи за заштита на културното наследство.

Осврнувајќи се на обвинувањата од Социјалдемократскиот сојуз дека Министерството не води грижа за културното наследство, нагласи дека сите дозволи за таа куќа и за рушење на објектот биле издадени во последните седум години, кога во Струга на власт се СДСМ и ДУИ.

Заменик министерот за правда Ален Деребан, појасни дека одобрението за градење било издадено спротивно на материјалниот закон и законот за градење и оти градоначалникот го поништил решението, вчера, односно, по рушењето на објектот.

„Веднаш после уривањето на заштитениот културен објект, градоначалникот го поништил решението и во образложението за поништување на одобрението за градење, има констатирано дека решението кој што го издал во ноември 2024 година, е издадено спротивно на закон и спротивно на проектите кои што се доставени до органите за култура врз основа на кои требало да се издаде тоа одобрение“, појасни Деребан.

Како резултат на таквото незаконско одобрение за градење на соседниот објект, забележа дека дошло до уривање на конкретниот објект, прогласен како заштитено културно наследство.

„Единствената причина за уривањето на тој објект лежи во донесување на таквото незаконско одобрение за градење, кое што, за жал, не е единствено и е последица на ова криминално владење на СДСМ и ДУИ во Општина Струга“, изјави Деребан.

Ги повика Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да ги обезведат сите материјални докази од проекти до издавање на одобрение за градење, затоа што  имало сомнение за сторени повеќе кривични дела.

„Покрај, кривично дело бесправно градење, кривично дело е и уништување и рушење на објект, недвижен имот прогласен за културно наследство за кој што во кривичниот законик е предвидена казна за затворот три до 10 години, но и други кривични дела. Да се откријат сите сторители што учесвувале во целата постапка пред донесување на одобрението за градење до моментот кога, како последица на градежните работи кои ги изведувал инвеститорот дошло до рушење на постоечкиот објект“, нагласи Деребан.

Љутков денеска присуствуваше и на одбележувањето на враќањето на реставрираното и конзервирано издание на „Пчињското изборно евангелие“, најстариот примерок во библиотечното депо издание од 16 век што се одржа во Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.

На свеченоста присуствуваше и министерот за култура и наука Зоран Љутков, кој во оваа прилика посочи на активностите на Библиотеката „Григор Прличев“ која како што рече веќе осум децении е трезор на мислата, чувар на зборот и сведок на генерации охриѓани кои преку дружбата со книгата станувале луѓе во вистинска смисла на зборот – носители на развојот, достоинството и иднината на нашиот град и на нашата држава.

„Денес сведочиме чин што го премостува минатото со сегашноста – тивко, но свечено враќање на „Пчињското изборно евангелие“ во неговиот вистински дом, во Охрид – градот што од секогаш бил олтар на словото и светлина на духот. Ова не е само културен настан, туку победа на паметењето над заборавот, на тивкото траење над минливоста, на духовното над временото. „Пчињското изборно евангелие“ – најстариот ракопис од реткиот фонд на нашата Национална установа Библиотека „Григор Прличев“ – повторно го пронајде својот здив, овде меѓу древните охридски ѕидини, местото во кое зборот живеел отсекогаш“, истакна Љутков.

Во 2023 година со финансиска поддршка од Министерството за култура, беше адаптирано новото депо за редок библиотечен фонд – простор изграден по највисоки стандарди за заштита, контрола на микроклима и сигурно чување на книжното наследство.

„Кога велиме дека Пчињското евангелие е повторно дома, не мислиме само на неговата физичка адреса, туку на духовното враќање – враќањето на еден симбол на верата, писменоста и културниот континуитет на нашиот народ, во градот што отсекогаш бил трезор на духот – Охрид“, истакна министерот Љутков.

Тој изрази задовлство од податоците што секојдневно пристигнуваат од национални и локални установи кои како, што рече, укажуват на енергија на едно културно општество во подем.

„Тоа е особено изразено овде во Охрид – каде Библиотеката станува стожер на културниот и општествениот живот.  Речиси секоја недела бележиме нова промоција, нов автор, нова идеја. Тука се негуваат роднокрајните автори, библиотеката се јавува и како издавач, а во рамки на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ беше заслужено наградена како библиотека со најмногу издадени книги од домашни автори во 2024 година. Затоа денес, со враќањето на Пчињското евангелие, ние не сведочиме само на еден културен настан – туку на победа на трудот, знаењето и љубовта кон културното наследство на својата земја“, рече тој укажувајќи дека секоја установа што се стреми кон развој и посветеност, во иднина ќе биде поддржана од Министерството за култура и туризам.

„Пчињското изборно евангелие“ важи за најстар ракопис зачуван во охридската библиотека. Ракописот е најден од страна на книжевниот историчар  и истражувач на стари ракописи Михајло Георгиевски во необработениот фонд во библиотеката во 1999 година.

Првата конзервација и реставрација на евангелието се извршена во Националната универзитетска библиотека во 2000 година, по што е вратено во Охрид, каде останало до 2011 година. Поради несоодветните услови за чување и влага, забележани се сериозни оштетувања на книгата и таа е повторно вратена во Скопје на нова концервација и реставрација спроведена во текот на 2014 година.

Зорица Јаковлеска – Спировска од Националната универзитетска библиотека „Свети Климент“ од Скопје која беше дел од екипата што работеше на конзервацијата на „Пчињското изборно евангелие“ истакна дека се работи за исклучително вреден материјал.

„Станува збор за сложена процедура оттаму што се работи за ракопис во многу оштетена состојба. Со нашите постапки во Центарот за конзервација на материјали на хартија, кожа и пергамент ракописот е реставриран и конзервиран во два наврати. По долготрајните процедури и постапки материјалот е заштитен, секоја негова буква, што е доста сложен процес поради степенот на негова биолошка оштетеност“, рече таа.

Во фондот за ретки изданија во охридската билиотека има 812 книги и тоа од периодот 1872 до 1945 година.

Инаку, во рамки на свеченоста беше презентиран и новиот Каталог посветен на враќањето на Евангелието во Охрид, со конкретни факти за него и за богатиот трезор од ретки книги во реновираното библиотечно депо.

Со новиот Каталог се опфатени важни документи што сведочат за темелите на македонската државност сврзани со Илинден и НОБ, но и првите  научни и литературни дела како Букварот со читанка на македонски јазик, дела на Крсте П. Мисирков, Блаже Конески, Славко Јаневски, Лазо Каровски, Јован Бошковски и охриѓаните Радослав Петковски и Борис Бојаџиски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ