вторник, 21 јули 2026

Левица: ВМРО-ДПМНЕ ја жртвуваше реформата на Изборниот законик за да го зачува изборниот монопол

Левица ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека намерно го блокирала донесувањето на новиот Изборен законик, оценувајќи дека власта се обидува сопствената одговорност да ја префрли врз опозициската партија.

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштение, Левица наведува дека власта не била „немоќен набљудувач“, туку организатор и носител на парламентарното мнозинство, поради што, како што велат, одговорноста за недонесувањето на Изборниот законик е кај ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку бара виновник за недонесувањето на Изборниот законик, треба најпрво да погледне во сопствените редови, сопствените недоследности и условите што намерно ги постави во последен момент за да го минира процесот“, наведуваат од Левица.

Од партијата тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ во завршната фаза од преговорите внело прашање што не било предмет на работата на Работната група и го прогласило за неприфатлива „црвена линија“, со што, според нив, намерно бил блокиран процесот.

Левица оценува дека владејачката партија не сакала Изборен законик што ќе го демократизира изборниот систем, туку решение што ќе го зачува, како што наведуваат, „изборниот комфор“ на големите партии.

Во соопштението се тврди и дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го ставиле партискиот интерес пред реформската агенда, бидејќи, според Левица, воведувањето една изборна единица и пофер изборни услови би ја засилиле политичката конкуренција.

Од Левица порачуваат дека ќе продолжат да ги користат сите политички, институционални и демократски механизми за повторно да го отворат прашањето за воведување една изборна единица, оценувајќи дека истекот на рокот не го поништува тоа барање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ