вторник, 21 јули 2026

Со смените во позитивната листа на лекови за трансплантиран бубрег се ризикуваат човечки животи

Лекот „мифортик“ (Myfortic 360 мг), кој пациентите со трансплантиран бубрег мора да го земаат долгорочно, најчесто доживотно, за организмот да не го отфрли трансплантираниот орган, повеќе не е бесплатен. Наместо да биде целосно покриен од Фондот за здравствено осигурување, пациентите сега треба да доплатат 3.450 денари. Лекот, кој го користат дел од пациентите со трансплантиран бубрег, беше бесплатен, но со новите измени на позитивната листа на лекови на ФЗО, тој поскапе.

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката предизвика силни реакции кај пациентите, но и кај лекарите, кои предупредуваат дека станува збор за терапија што не смее да се прекине ниту еден ден и дека промената на лекот не е без ризик за сите пациенти.

Пензионираниот нефролог проф. д-р Нинослав Ивановски, кој работи во приватната болница „Жан Митрев“ и е еден од пионерите на трансплантацијата на бубрези во земјава, за МКД.мк вели дека ваквата одлука на Фондот е погрешна и може сериозно да ги загрози пациентите.

Лекот ‘мифортик’ (Mycophenolic Acid) се појави кај нас како последица на тоа што дел од пациентите развиваа неподносливост на лекот целцепт (Mycophenolat Mofetl), кој и денес постои, па затоа го воведовме и мифортик. Тоа беше некаде во почетокот на новиот век, по препорака на меѓународните организации. Лекoвите мифортик и целцепт отсекогаш беа бесплатни за овие пациенти. Тие значително придонесоа за продолжување на животниот век на трансплантираниот орган, но кај дел од пациентите целцепт предизвикуваше сериозна неподносливост. Затоа беше воведен мифортик, кој им помогна токму на тие пациенти“, вели Ивановски.

Тој објаснува дека мифортик не е замена по избор, туку терапија што ја примаат пациенти чиј организам не може да го поднесе другиот лек.

Овој лек им е потребен на пациентите кои имаат тегоби и чиј организам не може да го поднесе целцептот, односно триксинот, кој беше промовиран како негова замена. Кога дознав за ваквата одлука на ФЗО, се обидов да им укажам, но изгледа има недоразбирање бидејќи двата лека се заведени под едно име, што е апсолутно погрешно. Микофенолат мофетил (целцепт) е првиот лек, а негова замена е микофенолат ацид (нифортик), но тие не се исти. Мифортик има медицинско оправдување да се користи таму каде што микофенолат мофетил покажува неподносливост. На пациентите им се укажува дека можат да го земаaт бесплатниот лек, но организмот сосема различно реагира на овие терапии“, посочува Ивановски.

Според него, доколку сите пациенти бидат принудени да користат само еден лек, тоа може да има сериозни последици.

Ако се дава само триксин, односно целцепт кај сите пациенти, тоа ќе го намали животниот век на трансплантираниот бубрег. Лекот што го примаат пациентите е неопходен. Ако му дадете лек што пациентот не го поднесува, тогаш нема да има соодветна концентрација на терапијата и нормално е дека прогнозата за бубрегот ќе биде полоша. Ако пациентите од мифортик се префрлаат на целсепт, тоа е ризик. Комисијата што ја направила оваа промена на некој начин ги изложува на ризик пациентите со трансплантирани бубрези“, предупредува тој.

Ивановски потсетува дека повеќе од 80 проценти од трансплантациите во Македонија се со бубрег од жив дарител.

Замислете да земете бубрег од жив човек за да спасите друг, а потоа со вакви одлуки да го доведете примателот во опасност. Ниту еден трансплантиран бубрег не смее да остане без терапија. Овој пациент не смее ниту еден ден да биде без лек. Имаме пациенти што живеат со трансплантиран бубрег повеќе од 20 години. Ако ова не се среди, на некои пациенти може да им се скрати животниот век на трансплантираниот орган и за повеќе години. Затоа нивната загриженост е целосно оправдана“, нагласува нефрологот.

Тој додава дека дарувањето бубрег од жив дарител е безбедна процедура за дарителите и повикува на уште поголема поддршка на органодарителството.

Дарителството на еден бубрег нема последици врз здравјето на оној што го донирал. Најчесто прво се разговара со родителите, кои во најголем број случаи немаат двоумење. Родителите се и најчестите дарители на бубрег за своите деца. Што се однесува до дарителството меѓу сoпружниците, околу 80 проценти од живите дарители се жени, а 20 проценти мажи. Тоа е исклучително корисно дарителство и треба да се поддржува. Од друга страна, кај муслиманската заедница многу потешко се прифаќа донирање органи од починат дарител. Кога станува збор за жив дарител нема проблем, но има голем отпор кога треба да се даде согласност за дарување по смртта, иако немаат проблем да примат орган од починат дарител“, вели Ивановски.

Министерството за здравство во својот одговор до МКД.мк вели дека презема активности за обезбедување поголема достапност на лекот мифортик за пациентите, преку можност за намалување на неговата цена. Од ресорното министерство информираат дека се водат разговори со компанијата која е носител на одобрението за ставање во промет на лекот.

Министерството за здравство е во фаза на интензивни преговори со компанијата која е носител на одобрението за ставање во промет на лекот мифортик, за согледување на можностите за намалување на цената на овој лек во прометот на големо и мало за пазарот во нашата држава и за негова достапност за пациентите по поприфатлива цена“, велат од Министерството за здравство.

„Нефрон“: животоспасувачка терапија за трансплантирани пациенти стана финансиски товар

Од Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ за МКД.мк велат дека промената стапила во сила со измените на Шифрарникот на лекови од 15 јуни 2026 година.

„Фондот за здравствено осигурување со измени и дополнувања на Шифрарникот на лекови ја измени референтната цена на таблетите Mycophenolic Acid (лекот мифортик од Новартис фарм сервисис од 360 мг и 180 мг.). Оттогаш лекот, кој претходно беше без доплата за трансплантираните пациенти, сега се доплаќа со 990 денари за пакување од 180 мг и 3.450 денари за пакување од 360 мг“, велат од Здружението.

По реакциите на пациентите, од „Нефрон“ веднаш испратиле дописи до Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и МАЛМЕД.

Побаравме да се преиспита и промени оваа одлука бидејќи товарот од разликата во цената паѓа директно врз пациентите, а станува збор за животоспасувачка и секојдневна терапија. Нашите барања ги образложивме од медицински и социјален аспект, укажувајќи на стравот на пациентите дали ќе можат континуирано да си ја обезбедуваат терапијата, особено затоа што голем дел од нив се ранлива категорија граѓани и приматели на социјална помош“, велат од Здружението.

Досега, додаваат, немаат добиено официјален одговор од институциите.

Образложението што им се дава на пациентите е дека со овие измени ќе се воведе уште еден лек со иста генеричка форма и јачина, кој ќе биде без доплата. Дали и колку пациенти ќе бидат принудени да преминат на новиот лек останува да видиме, бидејќи тој сè уште не е достапен во аптеките, па овој месец пациентите мораа да ја платат високата цена. Кај голем дел од нив постои страв од промена на терапијата, бидејќи секој стравува за својот трансплантиран бубрег“, велат од „Нефрон“.

Од Здружението сметаат дека целокупната терапија за трансплантираните пациенти треба да остане бесплатна.

Во услови кога државата се залага за развој на трансплантацијата и за зголемување на бројот на трансплантации, целата терапија треба да биде бесплатна бидејќи станува збор за лекови што се земаат доживотно. Со тоа се вложува во здравјето на пациентите и се избегнува враќање на дијализа, која е многу поскапа и значително поисцрпувачка метода на лекување.

Од „Нефрон“ јавно апелираат до институциите и до застапникот на лекот да ја преиспитаат одлуката и да ја усогласат цената, по примерот на лекот „Фостер“, за кој по реакциите во јавноста беа направени измени.

Пациент: „Не играјте си руски рулет со нашите животи“

Во писмо испратено до редакцијата, еден трансплантиран пациент предупредува дека новите измени предизвикале голем револт кај пациентите кои целосно зависат од имуносупресивната терапија.

Кој си игра играчки без потреба со луѓе што едвај нашле сроден бубрег, поминале низ огромни процедури, операции и рехабилитации и добиле втора шанса за живот? Сега некој си игра руски рулет со нивните животи. Симнувањето од позитивната листа и покачувањето на цената на лекот ‘мифортик’, кој се пие доживотно за телото да не го отфрли трансплантираниот бубрег, значи дека лек кој до почетокот на јуни беше без доплата, сега чини 3.450 денари“, наведува пациентот.

Тој посочува дека тоа е само еден од неколкуте лека што мора да се земаат секој месец.

Тоа е само еден од неколкуте лекови што ги пиеме. Месечниот трошок може да достигне од шест до 18 илјади денари, зависно од дозата што му е потребна на пациентот. За многумина тоа се огромни средства. Тие што нема да можат да си го дозволат лекот ќе бидат принудени да преминат на новата бесплатна терапија, без да знаат како ќе реагира нивниот организам.

Според него, во Македонија има околу 200 пациенти со трансплантиран бубрег и прашува дали евентуалната заштеда за Фондот е оправдана ако поради тоа дел од пациентите повторно завршат на дијализа.

До толку ли дојде работата за тие пари или зад ова стојат некакви фармацевтски интереси? Зошто се прави експеримент врз толку мала и исклучително ранлива група пациенти кои доживотно мора да земаат имуносупресивна терапија? Лековите не се исти за сите. Некој го чува трансплантираниот бубрег со целсепт, некој со мифортик и затоа надлежните мора да имаат предвид дека не постои едно решение за сите“, наведува пациентот.

Случајот со мифортик се отвора во период кога Министерството за здравство активно ја промовира важноста на органодарителството и трансплантацијата, додека пациентите што веќе добиле нов орган предупредуваат дека се соочуваат со финансиски товар за обезбедување на неопходната терапија.

К. Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ