Во Европската Унија, каде што Македонија веќе 20 години има статус на земја – кандидатка, но сепак тој момент на членство е сè уште далечен и неизвесен – 9 Mај е означен како Денот на Европа, со тенденција на неспоменување на антифашизмот, кој е основната причина за одредување на овој датум како особено важен ден за „новата Европа“.
Според програмата за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во 2025 година, изгласана во Собранието на Македонија на 10 март, годинава, предвидено е одбележување на 80 години од Големата победа над фашизмот – Ден на Европа. За носители на проектот на одбележувањето се наведени ЈНУ Институт за национална историја, Државниот архив и Владата на Македонија.
Сепак и покрај важноста на јубилејот, не само од домашни и европски, туку и од светски размери, како програма за одбележување на Денот на победата над фашизмот – Денот на Европа, за денеска како официјално одбележување предвидено е владина делегација да положи цвеќе на спомен – обележјето на Партизанските гробишта Бутел во Скопје.
Во делегацијата ќе бидат заменик претседателот на Владата за политички систем Љупчо Димовски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, министерот за правда Игор Филков и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
По положувањето на венците предвидени се обраќања на вицепремирот Димовски и министите Муртезани и Мисајловски, соопшти Министерството за одбрана.
Цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел ќе положат и делегации од Канцеларијата на претседателот на Република Македонија, од Собранието, Армијата, Сојузот на борците на Народно-ослободителната антифашистичка војна, дипломатскиот кор и други организации.
Без паради, но победата над фашизмот заслужува поголема јавна манифестација во Македонија
Воените паради по повод 9 Mај – Денот на победата на фашизмот се некаква својствена манофестација за државите кои се сметаат за победнички во Втората светска војна. Таква парада во Русија се одржува секоја година во Москва, а последниве три години од почетокот на воениот конфликт во Украина, на оваа манифестација, од страна на ЕУ се гледа како своевидна провокација. Навистина и претходно на овие паради во Москва не се гледаше со некои особени симпатии од страна на европските земји, односно како на манифестација на „ексклузивно право на антифашизмот“ од страна на СССР, а подоцна на Руската Федерација.
Но оваа година, за 80-годишниот јубилеј, воена парада по повод Денот на победата над фашизмот, во понеделникот, на 5 мај, се одржа и во Лондон, Велика Британија. Историски факт е дека Велика Британија, СССР и САД беа сојузници во Втората светска војна, кои ја извојуваа победата над фашизмот.
За Македонија пак, учеството на македонскиот народ во таа глобална антифашистичка борба има особено значење, зашто преку народно-ослободителната војна со антифашистички карактер е извојувана и државноста, прво во рамките на Југославија, а од 1991 како независна држава. Со оглед на таквото значење на антифашизмот, она што се очекуваше е поголемо одбележување на 80-годишниот јубилеј и повидливо во јавноста. Можеби не воени паради, но секако некоја пригодна манифестација, или свечена академија…
Директорката на Државниот архив, Наташа Котлар – Трајкова, вели дека одбележувањето на 80-годишниот јубилеј на Денот на победата над фашизмот е внесен во годишната програма на оваа институција.
„Државниот архив е одреден во програмата на Собранието, како еден од носителите на одбележувањето на јубилејот на Денот на победата над фашизмот, и тоа е предвидено во годишната програма на нашата институција. Според програмата подготвуваме изложба за улогата на македонското антифашистичко движење за државноста на Македонија, но и за врската со светскиот антифашизам. Но јубилејот на победата над антифашизмот е цела година, па не е задолжително изложбата да се отвори токму на 9 мај. Всушност, на одреден начин Државниот архив излезе во пресрет на замолницата на амбасадата на Руската Федерација во Македонија, отстапувајќи одредени материјали за изложбата која тие ја подготвија и е поставена во Музејот на град Скопје, токму за Денот на победата над фашизмот. Но независно од тоа, Архивот подготвува своја изложба за македонскиот антифашизам“, вели директорката на Државниот архив, Наташа Котлар Трајкова.
Сојузот на филателистите на Македонија, како свој проект, односно во соработка со Сојузот на борците на Македонија неколку години подготвува филателистички материјал врз основа на листа од 66 народни херои од Македонија, од Втората светска војна, кој планираат да го завршат со издавање, токму денеска, на 9 Mај 2025, на 80-годишнитата од победата над фашизмот.
Други поголеми манифестации не се најавени.
Собранието прави програма за одбележување јубилеи, но нема буџет за нејзино спроведување
И покрај тоа што Собранието на Македонија, повеќе формално има програмата за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во 2025 година, а во неа е предвидено и одбележување на на 80 години од Големата победа над фашизмот – Денот на Европа, сепак се чини дека овој ден во Македонија се одбележува скромно и протоколарно.
„Собранието носи програма за одбележување значајни датуми и личности, задолжува други институции да бидат носители на проектите за одбележување, но нема и не одредува буџет за тоа. Така што задолжените институции се оставени во недоумица како да го спроведат ‘задолжението’. Чуден е тој систем на ‘формално’, т.е. само на хартија, на одбележување значајни настани и истакнати личности од историјата, особено македонската. За јубилејот на Денот на победата над фашизмот, во Македонија, како антифашистичка земја, требаше да има поамбициозни иницијативи за негово одбележување – можеби свечена академија во МАНУ, или некој посериозен научен собир… Победата над фашизмот е особено важна за постоењето на македонската држава, но важна е и во контекст на современите премрежиња што го има Македонија во евроинтеграциите“, вели историчарот од Институтот за национална историја, Александар Литовски.
Според Литовски, ваквото скромно, тивко и протоколарно одбележување на Денот на победата над фашизмот во Македонија, изгледа како да е „усогласено“ со анти-антифашистичките трендови во Европската Унија.
„Веќе децении се сторија, откако во цела идеолошка Европа се создаде трендот на анти-антифашистичко свртување. Општата атмосфера во Европа како да е насочена кон обид за заборав на антифашизмот и се почесто на релативизација на фашизмот, особено со резолуциите на Советот на Европа за изедначување на фашизмот и комунизмот . Таквата релативизација на фашизмот, понекогаш наликува дури и на негова рехабилитација. Целата таа тенденција за ‘заборав’ на антифашизмот, некако кулминира со ‘покривање’ на Денот на победа над фашизмот, со преименување во Денот на Европа. Таквиот однос на ЕУ спрема антифашизмот, се чини како тивко да се пренесе и во Македонија, како своевидно ‘усогласување со европските вредности’, кои постојано ни ги наведуваат како (чудни) услови за нашата евроинтеграција. Но Македнија не треба и не смее да ги премолчува своите автентични антифашистички корени на државноста“, смета Александар Литовски.
Јасминка Павловска