четврток, 28 мај 2026

Генерацијата Зет ѝ верува на ВИ, но не повеќе од што им верува на луѓето

Вештачката интелигенција станува секојдневен дел од животот на генерацијата Зет (луѓе родени приближно помеѓу 1997 и 2012 година) во Македонија, но младите и понатаму јасно ја раздвојуваат технологијата од човечката блискост и доверба. Ова го покажува новото истражување „Алатка, играчка или тројански коњ? Погледот на генерацијата Зет кон ВИ“, реализирано од агенциите „Меккен“ (McCann) и „УМ“ (UM), членки на групацијата AMA.

 

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Ново регионално истражување покажува дека младите во Македонија секојдневно користат вештачка интелигенција за учење, работа и инспирација, но довербата, човечноста и контактот во живо остануваат незаменливи.

Истражувањето открива дека дури 72 проценти од младите користат вештачка интелигенција неколку пати неделно, најчесто за пребарување информации, учење, работа и креативни задачи. Сепак, и покрај широката употреба, само една третина од испитаниците изразуваат целосна доверба во ВИ-алатките. Поголемиот дел од младите дополнително ги проверуваат добиените информации, а 68 проценти веќе се соочиле со неточни или разочарувачки одговори.

Клучната вредност на истражувањето е што вештачката интелигенција не се третира само како технолошки тренд, туку како културолошко и општествено прашање што отвора теми за довербата, приватноста, автентичноста и иднината на човечката комуникација.

Резултатите покажуваат и силно присуство на дигитален замор кај младите. Дури 67 проценти би сакале луѓето да користат помалку технологија и повеќе да се дружат во живо, додека повеќе од половината испитаници посакуваат да растеле во време без модерна технологија.

Истражувањето укажува дека генерацијата Зет не ја оттурнува технологијата, туку се спротивставува на притисокот и преоптовареноста што често доаѓаат со неа. Младите бараат технологија што ќе им го олесни животот, а не дополнително ќе ги оптовари, како и алатки што ќе ја поддржат, а не ќе ја заменат човечката блискост.

Иако ВИ сè повеќе навлегува и во личниот простор, младите најчесто ја користат за инспирација, креативност и решавање дилеми. Кога станува збор за навистина важни прашања, доверба или емотивна поддршка, луѓето и понатаму остануваат главен извор на сигурност.

Социјалните мрежи и понатаму се главен канал за информирање кај генерацијата Зет. Според истражувањето, 68 проценти од младите најчесто следат содржини преку Инстаграм, а 50 проценти преку ТикТок. Вештачката интелигенција засега има ограничена улога во информирањето, но нејзиното влијание расте – 37 проценти од испитаниците изјавиле дека купиле производ врз основа на препорака добиена од ВИ.

Истражувањето е спроведено во февруари 2026 година во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора и Бугарија, на репрезентативен примерок од 300 до 500 испитаници на возраст од 16 до 28 години.

Преку регионалните податоци и разговорите со млади од различен пол, возраст и социо-економски статус, истражувањето дава поширок увид во тоа како генерацијата Зет денес ја разбира, користи и преиспитува вештачката интелигенција, но и зошто довербата станува едно од најважните прашања во дигиталната ера.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ