петок, 17 април 2026

Гаши од Тирана: Заедничката посветеност на патот кон европската интеграција на собранијата на Македонија и Албанија

Претседателот на Собранието, Африм Гаши учествуваше на Самитот на албанската дијаспора што се одржа во Тирана, каде што се дискутираше за улогата на дијаспората во демократскиот развој и институционалното застапување.

Објавено на

часот

Сподели

Во своето обраќање, претседателот Гаши ја нагласи важноста од справување со причините за миграција, подвлекувајќи ја потребата од креирање на одржливи политики што ќе обезбедат поголема застапеност на дијаспората во одлучувачките процеси. Тој, исто така, ја истакна потребата од градење реални можности за граѓаните, за да можат да го остварат својот интелектуален и професионален потенцијал во сопствената земја, како еден од клучните начини за спречување на миграцијата.

Во рамките на оваа посета, информираат од собраниската прес-служба, претседателот на Собранието оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај. На оваа средба беа потврдени одличните односи меѓу двете земји, како и заедничката посветеност на патот кон европската интеграција. Соговорниците ја истакнаа важноста на регионалната соработка, разговарајќи и за политичките случувања во Република  Македонија. Посебно внимание им беше посветено на инфраструктурните проекти како клучен елемент за зајакнување на врските меѓу земјите. Нагласено беше дека стратешкото партнерство со јасна евроатлантска ориентација, правилната соработка и меѓусебната поддршка остануваат главни столбови за понатамошното продлабочување на братските односи.

За време на престојот во Тирана, претседателот Гаши оствари средба и со претседателот на Собранието на Република Албанија, Нико Пелеши. Оваа средба, прва откако ја презеде функцијата претседател на Собранието, се смета за важен чекор во консолидирањето на меѓупарламентарната соработка. Соговорниците разговараа за напредокот и заедничките предизвици на патот кон Европската Унија, нагласувајќи ја улогата на собранијата во приближувањето на политиките, размената на искуствата и градењето одржлив институционален дијалог. Во оваа прилика, претседателот Гаши го покани својот колега на официјална посета на Скопје, со цел понатамошно продлабочување на соработката преку парламентарната дипломатија и заедничките иницијативи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ