„Датум на завршување на испитувањето 13 мај. Земена вода, вкупен број колиформни бактерии во 100 милилитри вода – 51. Примерок од чешма, од болницата во Лешок, каде што се лекувале луѓе на крајот на мај, а никој не реагирал. Се работи за официјални документи од Центарот за јавно здравје од Тетово“, рече Филипче.
Побара итно да се спроведе вонреден надзор на сите водоснабдителни станици во државата и јавно да се објават сите резултати.
„Какво е ова менаџирање на институција? Која е целта, да се загрози здравјето на сите луѓе во државата. Затоа бараме итен вонреден надзор и анализи на сите водоснабдителни станици во државата и јавно да се објават резултатите од физичките анализи, матност, мирис итн., од хемиските анализи, нитрати, нитрити и амонијак, микробиолошки анализи и хлорирање“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ на прес-конференцијата оцени дека здравството е во колапс посочувајќи дека голем број од операционите сали не функционираат, несоодветен кадар управува со највисоките здравствени институции, а не се зголемени ниту платите на здравствените работници.
Она што се случило во Гостивар, според Филипче, не е изолиран случај, туку станува збор за системски слабости и неефикасност.
Побара оставка од првите луѓе на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и од Обвинителството.





