Димитров за Сител вели дека состојбата е повеќе од сериозна, а последиците од ковид пандемијата допрва ќе се почувствуваат, зашто магацините се полни, а извоз нема.
„Бројот на вработени се намалува од 30% до 50% од поранешниот број на работници. Кај нас, во најдоброто време, пред 4-5 години во двете фабрики имавме 930 луѓе, сега ќе се сведеме на 550 луѓе“, изјави Димитров.
Според него, идното намалување на вработените ќе мора да биде по основ на прогласување на технолошки вишок, за што ќе бидат во постојан контакт со синдикатот и институциите.
„Првите отпуштања може да ги очекуваме на почетокот на октомври. Ќе видиме кога и кои работници сами ќе се пријават да заминат“, изјави Димитров.
Во изминатиот период работата на конфекциите е драстично намалена, поради малкуте нарачки од странските партнери. 2020 година полесно се преброди, благодарение на шиењето на заштитни маски и опрема и владините пакет мерки кои предвидуваа исплата на плата и на работниците кои не одеа на работа од 70 % од минималецот, а оваа 2021, како што вели, се покажала како кобна. Единствено решение за спас на работните места, според Димитров, е Владата да го намали финансискиот товар врз работодавачите со ослободување од даноци и придонеси.






