петок, 17 април 2026

Славески на средби со ММФ: Засилената неизвесност во светската економија, влијае врз изгледите за раст на домашнен план

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари низа билатерални средби со високи претставници на ММФ во рамките на пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, што се одржуваат во Вашингтон. На средбите присуствуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Објавено на

часот

Сподели

Гувернерот Славески се сретна со заменик-директорот на ММФ, Бо Ли, директорот на Европскиот оддел во ММФ, Алфред Камер, извршниот директор Јерун Клик и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја, Ник Гигинеишвили.

„На средбите се разговараше за најновите светски и домашни макроекономски случувања, при што беше нагласено дека зголемените геополитички тензии, вклучително и конфликтот на Блискиот Исток, придонесуваат за засилена неизвесност во светската економија и влијаат врз изгледите за раст“ – соопшти прес-службата на Народната банка.

Во однос на домашната економија, оценето е дека досегашните трендови се поволни, а добрите политики овозможија да се задржи стабилноста на макроекономските основи. Сепак, со оглед на неизвесноста за времетраењето и силината на превирањата во светот, се истакнува потребата од понатамошна внимателност и подготвеност за соодветна реакција.

„Гувернерот Славески истакна дека Народната банка води претпазлива и конзистентна монетарна политика, насочена кон одржување на ценовната и финансиската стабилност. Притоа тој нагласи дека Народната банка внимателно ги следи светските движења и нивното влијание врз домашните показатели заради навремена и соодветна реакција преку расположливите инструменти. На состаноците се разгледа и новата монетарна рамка на Народната банка, со која се овозможува поефикасно и пофлексибилно водење на монетарната политика, што е особено важно во услови на ненадејни и неповолни промени во економското окружување. Беше потврдена и постојаната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ, која и во наредниот период ќе биде насочена кон понатамошно зајакнување на институционалните капацитети и усогласување со меѓународните стандарди“, информира Народната банка.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ