Фестивалот почнува в петок, 5 јуни, со отворање на изложбите во МКЦ Галерија и во киното „Фросина“, по што ќе следуваат свеченото отворање на фестивалот и доделувањето на наградата „Македонско стрип наследство“ на Никола Гелевски. Во програмата се и панел со Алекса Гајиќ, промоција на неговото дело „Принцезино поле на стрипот“, како и проекција на анимираниот филм „Крал на ништо“ од 2024 година.
Во текот на викендот посетителите ќе можат да присуствуваат на многубројни промоции на стрип-изданија, разговори со автори, панели, работилници и јавни трибини посветени на современата стрип-сцена.
Посебно место во програмата има стрип-школата за средношколци, која третпат по ред е дел од фестивалот. Петнаесет млади автори во текот на повеќемесечна обука создадоа сопствени ликови и заеднички стрип-универзум под името М.А.С.С. – Македонска агенција за спас на светот. Проектот беше реализиран под менторство на стрип-авторите Здравко Гиров и Давор Драмиќанин, а резултатот се повеќе од 100 оригинални стрип-табли. Изданието ќе биде промовирано в недела, 7 јуни, во рамките на фестивалската програма.
Организаторите годинава ставаат акцент и на заедниците што преку својата имагинација и креативност создаваат нови светови. Во клубот на МКЦ ќе се претстават љубители на гејминг-културата, моделарството и друштвените игри, со многу дружби, турнири и интерактивни активности за посетителите.
На фестивалот повторно ќе учествува и поткастот „Дебели гикови“, кој трета година по ред е дел од „Стрип Трип“. Нивната поткаст-станица ќе биде отворена за разговори, средби и неформални дискусии со љубителите на стрипот, филмот, сериите и поп-културата.
В недела посетителите ќе можат да учествуваат и во две авторски авантури со друштвени игри на улоги, организирани од здружението „Зандана“. Активностите се наменети и за почетници и за поискусни играчи, кои ќе имаат можност да влезат во два различни фантастични света водени од искусни модератори.
Покрај главната програма, во текот на сите три фестивалски дена ќе има стрип-берза, продажба на изданија, изложби, средби со автори и музичка програма.
Организаторите најавуваат дека и годинава „Стрип Трип“ ќе понуди простор каде што стрипот ќе се сретне со филмот, гејмингот, уметноста и современата поп-култура, претворајќи го МКЦ во центар на креативноста и фантазијата за сите генерации.






