сабота, 18 април 2026

ДЗР : Системска слабост на Катастарот – нема идентификациски броеви на органите и правните лица основани од државата

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи од Агенцијата за катастар на недвижности на сметката на основен буџет за 2024 година.

Објавено на

часот

Сподели

Генерално, ДЗР изразува мислење дека финансиските извештаи ги прикажуваат вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на Агенцијата за катастар на недвижности на ден 31 декември 2024 година, на сметката на основен буџет , како и резултатите од финансиските активности за годината која завршува со тој датум, во согласност со важечката законска регулатива.

Согласно податоците од Билансот на состојба, вредноста на постојаните средства на ден 31.12.2024 година со кои располага Агенцијата по прифатени и спроведени корекции во текот на ревизијата се проценети во износ од 863.444 илјади денари.

Сепак, забелешките на ДЗР во извештајот се насочени на расходите за реставрирање на градежен објект, кои не се искажани како инвестиции во тек. Нецелосно е извршен попис на средствата и нивните извори. Обврските спрема добавувачите се прикажани во помал износ.

За приходите од платени надоместоци преку ПОС – терминали кои деловна банка ги уплатува на сметка на Агенцијата, не постои поврзаност по одделни архивски броеви според видот на извршената катастарска услуга.

Постојат недоследности во ангажирањето на лица со договор на дело, а дел од предметите за извршени услуги за издавање на податоци и вршење промени во Геодетско-катастарски информационен систем, не се целосно комплетирани, додека дел од документацијата не е потврдена со потпис/е-потпис.

Утврдени се и слабости при спроведување на јавните набавки.

Како системски слабости е констатирано од ДЗР дека Катастарот не доделил идентификациски броеви на државните органи и правните лица основани од државата, поради неможност надлежното министерство да ги вклучи во својата евиденција.

ДЗР има забелешки во однос на сметководствената евиденција на неколку објекти што се доделени на трајно користење на Катастрарот.

„Со извршениот увид во доставената документација и евиденцијата на материјалните и нематеријалните средства, ревизијата ги утврди следите состојби:

-Градежниот објект во Гостивар со вкупна површина од 499м2 со набавна вредност во износ од 27.155 илјади денари не е внесен во сметководствената евиденција на Агенцијата иако со одлука на Владата истата има добиено право за негово трајно користење и е запишано во катастарот на недвижности. Објектот е прикажан во вонбилансната евиденција, со образложение од надлежните лица дека и покрај правниот основ за негово користење, не е извршена соодветна физичка поделба на просторот со субјектите кои го користат. За наведениот објект пресметана е ревалоризација во износ од 1.439 илјади денари, искажана на соодветните сметки;

-Во 2020 година добиено е право на трајно користење на објект во Струмица со вкупна површина од 448 м2, врз основа на одлука од Владата и истото е запишано во катастарот на недвижности. Поради необезбедена вредност на објектот од претходниот корисник – МФ, ниту преземени активности за проценка на вредноста на истиот, не е извршено негово евидентирање во сметководствената евиденција на Агенцијата. Истакнуваме дека во 2025 година Агенцијата има доставено барање до МФ за обезбедување сметководствени податоци за наведениот објект,  од каде добиен е одговор дека во деловните книги на истото, објектот бил евидентиран со вредност 0 денари;

– Во текот на 2023 и 2024 година извршени се инвестициски активности за конзерваторско-реставраторски интервенции на градежен објект во ОКН Крушево во вкупен износ од 6.389 илјади денари, кои не се воведени во  сметководствената евиденција, поради невоспоставена пракса за сметководствено евидентирање на вложувањата во тек. По целосно завршување на активностите и одобрување на документацијата, за износот на вложувањата зголемена е вредноста на наведениот градежен објект во 2025 година. Наведените состојби не се во согласност со член 12 од Законот за сметководство на буџетите и буџетските корисници и влијае на реалното и објективно искажување на состојбата на постојаните средства во билансот на состојба“, се вели во извештајот на ДЗР за Агенцијата за катастар на недвижности со препорака одговорното лице на Агенцијата да преземе мерки и активности за целосно и соодветно евидентирање на материјалните средства.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ