Според ДЗР, Законот за задолжителни нафтени резерви во голема мерка е усогласен со европските закони со кои се наметнува обврската на државите членки и кандидати за членство во ЕУ, да обезбедат минимални резерви на сурова нафта и/или нафтени деривати, односно задолжително е потребно секоја држава да обезбеди резерви на нафта и нафтени деривати во количини кои одговараат на 90 дена од просечниот нето увоз или 61 ден од просечната дневна домашна потрошувачка, во зависност која од овие количини е поголема.
Владините одлуки ги намалиле резервите од 52 на 42 дена
Согласно Законот за задолжителни нафтени резерви (ЗЗНР), задолжителните резерви може да се користат при прогласена кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, но и со отстапување без надоместок за извршување на нивните активности утврдени со закон.
И покрај ваквата обврска, во извештајот се наведува дека со владини одлуки во 2024 и 2025 година големи количини мазут биле отстапени на ЕСМ за производство на електрична енергија.
Ревизијата покажува дека во текот на енергетската криза државата значително ги намалила задолжителните резерви на мазут за да му помогне на ЕСМ да произведува електрична енергија. Со владина одлука донесена во декември 2024 година, на ЕСМ без надомест му биле отстапени речиси 10,8 милиони килограми мазут, што претставувало половина од тогашните резерви. До крајот на јуни 2025 година речиси целата количина била преземена.
Неколку месеци подоцна, по нова одлука на Владата поради прогласена енергетска криза, на ЕСМ му биле одобрени уште околу 5,4 милиони килограми мазут, што повторно претставувало половина од расположливите резерви за 2025 година.
Сепак, ревизорите забележуваат дека Законот предвидува во вакви ситуации резервите да се даваат како краткорочна позајмица, а не трајно и без надомест. До крајот на 2025 година ЕСМ презел околу 2,5 милиони килограми, односно 47 проценти од одобрената количина.
„Иако издадените количини се во рамки на законски утврдените количини, нивното намалување за 75 отсто во рок од скоро една година придонело резервите на нафта и нафтени деривати кои пред нивното издавање овозможувале покриеност од 52 дена, да се намалат и да обезбедат 42 дневна покриеност. Ваквиот начин на користење на залихите не овозможува формирање на залихи на нафтени резерви кои Владата преку закон и Акциски план за формирање на задолжителните резерви за 2023-2025 година се обврзала дека ќе ги постигне и ќе ги одржува“, предупредуваат ревизорите во Извештајот.
Ревизорите посебно го нагласуваат случајот со 600.000 килограми мазут, кои во 2017 година биле позајмени на Министерството за одбрана. Иако рокот за враќање истекол на крајот на 2017 година, до моментот на ревизијата, ниту во текот на 2025 година количините не биле вратени. Побарувањето што Агенцијата го има кон Министерството изнесува 16,714 милиони денари.
„Низ годините, од страна на Агенцијата направени се обиди за решавање на состојбите, но истите не се променети. Имајќи во предвид дека количините не се вратени скоро осум години, ревизијата укажува на потребата Агенцијата во соработка со Владата и Министерството за одбрана да продолжат со активности за решавање на состојбата со цел намалување на ризиците за одржување на потребното ниво за залихи на мазут, како и ефективно искористување на средствата на Агенцијата за набавка на задолжителните резерви на нафта и нафтени деривати кои Агенцијата ги остварува од наплатениот надомест при нивниот увоз“, пишува во Извештајот.
Финансиските извештаи се точни, но работењето не е целосно законско
Државниот завод за ревизија во конечниот извештај за работењето на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви (АЗНР) за 2024 година оценува дека финансиските извештаи ја прикажуваат реалната финансиска состојба на институцијата, но истовремено изразува мислење со резерва за усогласеноста со законите и прописите.
Ревизорите утврдиле повеќе слабости кои се однесуваат на недонесени владини одлуки за задолжителните резерви, незаконска исплата на плати, неправилности во евиденцијата на работното време, како и слабости во законската рамка и внатрешната контрола.
„Со извршената ревизија утврдивме состојби кои се однесуваат на не донесени предлог-одлука за количината и структурата на задолжителните нафтени резерви до надлежното министерство за неколку години, исплата на плати и надоместоци на плати кои не се усогласени со законската регулатива, несоодветен начин на регистрирање и евидентирање на полното работно време. Во насока на надминување на утврдените состојби, ревизијата даде препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Ревизијата открила и дека поради примена на бодови утврдени со колективниот договор, кои биле повисоки од законски дозволените, биле исплатени 1,024 милиони денари повеќе за плати, придонеси и додатоци. Дополнително, неправилности биле утврдени и при пресметката на боледувања, прекувремената работа, како и во решенијата за утврдување на платите.
„При пресметка на надоместокот за привремена спреченост за работа т.е. боледување како основица се зема бруто платата на лицето за месецот за кој се врши пресметката намален за делот на плата за стаж. Наведеното не е во согласност со Законот за здравственото осигурување. Дополнително, во услови на боледување над седум дена, иако се доставени посебни извештаи за привремена неспособност со различни дијагнози, пресметката и исплата на боледувањето се исплатува во износ од 80 отсто од основицата, како континуирано боледување, што не е во согласност со Општиот колективен договор за јавниот сектор. Решенијата за утврдување плата на вработените не се унифицирани поради што постои ризик за погрешно утврдување и пресметка на платата. Евиденцијата за прекувремена работа не е целосна. Нема пракса одговорното лице да ја утврдува потребата од прекувремена работа, ниту пак е доставено писмено известување до подрачниот државен инспектор на трудот, што не е во согласност со Законот за работни односи. Исто така утврдивме дека додатокот на плата за прекувремена работа во износ од 35 отсто се пресметува само на дел од основната плата, без да се земе предвид и делот на плата за стаж, што не е во согласност со Законот за административни службеници, како и со Колективниот договор на Агенцијата“, пишуваат ревизорите во Извештајот.
Ревизорите предупредуваат дека ваквите пропусти влијаат врз законитоста и точноста на исплатите.
Законски празнини, спорни именувања и непостоење на внатрешна ревизија
Ревизорите утврдиле и сериозни слабости во начинот на кој се проценува вредноста на државните нафтени резерви. Иако Агенцијата редовно вршела контроли и пописи на залихите, а нивната вредност се усогласувала со актуелните цени на горивата, ревизијата предупредува дека не постојат јасни законски правила ниту интерен правилник според кој се врши оваа проценка.
„Во услови кога ЗЗНР не го уредува процесот на усогласување на вредноста на залихите, Агенцијата исто така нема донесено интерен акт за унифицирано постапување при проценка на вредноста на залихите , поради што постои ризик од не воедначено постапување, примена на различни основи за проценка, како и погрешно проценување и прикажување на вредноста на залихите како капитал на државата. Укажуваме на потребата Агенцијата во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) да преземе мерки и активности за пропишување на соодветен акт за уредување на начинот, динамиката и основата за проценка на вредноста на залихите на нафтените деривати“, велат ревизорите.
Дополнително, ревизијата укажува дека по измените на Законот за задолжителни нафтени резерви од 2024 година, институциите не ги усогласиле навреме подзаконските акти со новите законски решенија, иако законскиот рок истекол во јануари 2025 година. Причина за тоа, според ревизорите, е судирот на законските одредби околу тоа дали за нивно донесување е надлежна Владата или Министерството за енергетика.
Ревизорите предупредуваат и на правни празнини во начинот на кој се раководи со Агенцијата.
Во извештајот се наведува дека во јули 2024 година Владата именувала нов в.д. директор кој, според ревизијата, не го исполнувал законскиот услов за најмалку пет години раководно искуство во областа на енергетиката.
„Ревизијата укажува дека долгогодишниот воспоставен начин на избор и именување на вршители должност како орган на управување кај државните органи, го нарушува принципот на владеење на правото, создава ризик управувањето со институциите да го вршат лица кои не располагаат со неопходни квалификации предвидени со закон, придонесува за дисконтинуитет во работењето и влијае на квалитетот на исполнување на надлежностите на институциите“, се наведува во Извештајот на ДЗР.
Според законот, Агенцијата за задолжителни нафтени резерви е државна институција задолжена за управување со стратешките резерви на нафта и нафтени деривати. Нејзината улога е да обезбеди државата во секој момент да располага со доволно гориво за да може да интервенира во случај на прекин на снабдувањето или енергетска криза. Таа ги формира, чува и обновува резервите, ја следи нивната состојба и по одлука на Владата може да ги стави во употреба кога е загрозена енергетската сигурност на земјата. Со измените во Законот за задолжителни нафтени резерви од 2024 година, актите кои ги носи Агенција се со претходна согласност од МЕРМС .
И.О.





