вторник, 21 јули 2026

ДКСК ја запре постапката за наводите за незаконито постапување во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја заврши денешната седница на која членовите разгледуваа и одлучуваа по вкупно 66 предмети. Меѓу предметите што беа разгледани е и предмет што се однесува на наводи за незаконито постапување на службени лица во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој при одобрување барање за финансиска поддршка од ИПАРД програмата 2021-2027, за кој Комисијата донесе одлука да ја запре постапката.

Објавено на

часот

Сподели

На седницата беше посочено дека по случајот веќе постапуваат Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи, поради што ДКСК оцени дека нема основ за натамошно постапување.

Предметот бил оформен по пријава од познат подносител во која се изнесуваат сомнежи за незаконитости при разгледување барање за финансиска поддршка за изградба на објект во Општина Илинден.

Во текот на постапката, ДКСК побарала податоци од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, од каде што биле известени дека документацијата поврзана со истото барање за финансиска поддршка е доставена до надлежното Основно јавно обвинителство, како и до Министерството за внатрешни работи – Единица за економски и компјутерски криминал, кои веќе постапувале по предметот.

Меѓу отфрлените предмети беше и пријава за наводно незаконито постапување во судска постапка поврзана со право на сопственост над недвижен имот. ДКСК оцени дека станува збор за прашање во надлежност на судските органи и одлучи пријавата да ја препрати до Судскиот совет.

Комисијата отфрли и анонимна пријава против директор на музичко училиште во која се тврдело дека средства од настап на ученици на настан организиран од странска амбасада не биле уплатени на сметката на училиштето. ДКСК оцени дека наводите се нејасни и непоткрепени со докази, а поради анонимноста на подносителот не било можно да се побара дополнување на пријавата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ