понеделник, 11 мај 2026

Божиновска: Македонија ја зацврстува позицијата на активен регионален партнер во енергетската транзиција

Македонија повеќе не е пасивен набљудувач на енергетските процеси, туку држава што активно ги креира сопствените политики и се позиционира како релевантен и стабилен партнер во регионот, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на панелот посветен на енергетската транзиција и регионалната соработка на Белградскиот енергетски форум 2026, еден од најзначајните регионални енергетски форуми. На форумот учествува и делегација на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО.

Објавено на

часот

Сподели

„Енергетската криза беше јасен сигнал дека енергетската безбедност и транзицијата мора да одат паралелно. Македонија суштински го редефинира пристапот кон енергетиката – од пасивно следење на пазарот кон активно планирање, инвестиции и развој“, истакнала Божиновска на форумот, каде што заедно со министри, претставници на Енергетската заедница, меѓународни институции и водечки експерти се дискутира за енергетската безбедност, декарбонизацијата и иднината на енергетскиот сектор во регионот.

Таа нагласила дека со новиот Закон за енергетиката, усвоен 2025 година, државата воведе системско планирање и предвидлива рамка за инвеститорите, со што значително се забрзал инвестицискиот циклус во обновливите извори на енергија.

Министерката потенцирала дека производството на електрична енергија од сонце е зголемено речиси 50 пати во споредба со 2016 година.

Во своето обраќање, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, таа ги издвоила и капиталните државни инвестиции преку АД ЕСМ, особено проектите за изградба на фотоволтаични централи во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, оценувајќи ги како симбол на праведната енергетска транзиција и трансформацијата на поранешните јагленски капацитети во извори на чиста енергија.

Посебен акцент бил ставен и на диверзификацијата на снабдувањето со енергенти и на регионалното поврзување.

Министерката посочила дека Македонија активно работи на гасното интерконективно поврзување со Грција и Србија, со што се отвора пристап до нови извори на природен гас и ЛНГ-терминали, а паралелно се зајакнуваат и електроенергетските интерконекции со соседните земји.

Говорејќи за европските политики и механизмот CBAM, министерката истакнала дека државата веќе воспостави систем за гаранции за потекло на електрична енергија, што ќе им овозможи на македонските компании поголема конкурентност и полесен пристап до европскиот пазар.

„Нашата визија е Македонија да стане држава со декарбонизиран, дигитализиран и регионално интегриран енергетски систем, со значително поголемо домашно производство на чиста енергија. Регионалната соработка денес не е избор, туку неопходност за стабилна и сигурна енергетска иднина“, порачала министерката.

Во рамките на форумот Божиновска остварила и повеќе билатерални средби со претставници на регионални институции, компании и меѓународни партнери, посветени на нови инвестиции, енергетско поврзување и продлабочување на регионалната соработка во енергетиката.

На форумот учествува и делегација на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО.

Генералниот директор на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, учествуваl на панел-сесијата посветена на „Влијанието од воведувањето на CBAM врз регионалниот пазар на електрична енергија“.

Во своето излагање Ѓорѓиевски истакнаl дека МЕМО внимателно ги следи европските регулаторни процеси и предупреди на ризиците од административни бариери, кои може да ги нарушат пазарната ликвидност и регионалната интеграција.

„Реалноста со CBAM-механизмот за приспособување на границите на јаглеродот носи предизвици. Од една страна, МЕМО расте. Обемот на нашиот пазар ден однапред е зголемен за 19 отсто во споредба со минатата година. Тоа е одличен показател, пред сè, како резултат на зголемената доверба во нашата млада берза за електрична енергија. Но, CBAM создава парадокс – ја задржува зелената енергија внатре во националните граници. Потребен ни е систем што ќе придонесе кон поголема интеграција на пазарите, а не нивна изолација. Во сегашната форма CBAM предизвикува значителни нарушувања врз слободната трговија на пазарите со електрична енергија“, истакнал Ѓорѓиевски.

Тој се осврнал и на процесот на транспозиција на енергетскиот пакет во нашата земја, како и на активностите поврзани со пазарното спојување.

„Според последните информации, делот од пакетот за интеграција на електричната енергија, што сè уште не е усвоен, моментно се наоѓа во фаза на одобрување во Регулаторната комисија. Следниот чекор е почнување на процесот на сертификација во рамките на Енергетската заедница по што Европската комисија официјално ќе може да ја почне постапката. Ова претставува значаен чекор за нас“, рекол Ѓорѓиевски.

Тој додал дека МЕМО веќе активно учествува во рамките на ИБВТ, што ќе овозможи значително побрза и поедноставна имплементација на процесот на пазарно спојување веднаш по завршувањето на сертификацијата.

„Неодамна го пуштивме во функција пазарот во тековниот ден, со што нашиот пазар почнува да функционира поблиску до реалното време. Електричната енергија е специфична – таа се произведува и се троши во истиот момент, што бара исклучителна прецизност и високо ниво на координација со соседните системи. Технички сме подготвени, а паралелно се усогласуваме и на правен план“, нагласил Ѓорѓиевски и посочил дека ниеден национален пазар не може да функционира како изолиран енергетски остров.

Според него, Македонија е физички поврзана со соседите преку силна електроенергетска мрежа, но тоа не е доволно да постојат само интерконекции доколку пазарите останат раздвоени.

„Пазарното спојување е единствениот логичен чекор за премостување на тој јаз. Доколку останеме изолирани, ја ограничуваме ликвидноста и ја правиме зелената транзиција поскапа за граѓаните. Интегрираниот пазар е единствениот начин да обезбедиме праведна и одржлива енергетска транзиција за сите“, истакнал Ѓорѓиевски.

Во рамки на форумот било нагласено дека секое вештачко одвојување од европските енергетски текови е спротивно на принципите на слободен пазар и фер конкуренција.

Белградскиот енергетски форум 2026 обедини повеќе од 400 учесници и над 50 говорници, вклучително и министри за енергетика од земјите од Западен Балкан, претставувајќи една од најзначајните регионални платформи за креирање на енергетските политики до 2030 година и понатаму.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ