вторник, 14 април 2026

Армијата подготгвена за НАТО-оценување на Лесната пешадиска баталјонска група: „Блесок 26“ -теренска вежба од 19 до 27 април

Со учество на речиси 1.500 припадници на Армијата и поддршка од НАТО-монитори, од 19 до 27 април на воениот полигон Криволак и на повеќе локации во државата ќе се реализира теренската тактичка вежба „Блесок 26“.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информира началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, на денешниот брифинг со новинарите, „Блесок 26“ претставува клучна фаза во процесот на оценување на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) како НАТО-декларирана единица.

„Еден од клучните аспекти е проверка на системот за командување и контрола со цел идентификување можности за негово понатамошно подобрување и поефикасно функционирање“, истакна Лафчиски.

Додаде дека вежбата е продолжение на серијалот „Македонски блесок“ и има цел да ги демонстрира борбената готовност, тактичката обученост и интероперабилноста на единицата во согласност со строгите стандарди на НАТО.

Директорот на вежбата, полковник Игор Арсовски, појасни дека оценувањето ќе го спроведе национален тим сертифициран од НАТО-школата за воени вежби, а целиот процес ќе се одвива под надзор на НАТО-монитори и набљудувачи од мултинационалните копнени сили (MLF).

„Вежбата ќе се изведува под контролирани услови, со јасно дефинирани фиктивни сценарија и употреба на спротивставени сили (OPFOR), што ќе овозможи реална проверка на командувањето, логистичката поддршка и оперативните способности на Лесната пешадиска баталјонска група“, истакна Арсовски.

На вежбата ќе бидат употребени современа воена техника и вооружување со кое располага Армијата, меѓу кои оклопни возила JLTV, опремени со системи за далечинско управување, транспортни хеликоптери „ми-8/17“, артилериски средства, вклучително хаубици БОРАН од 105 мм и „М2А1“, како и минофрлачи од 120 мм, специјализирани инженерски возила Husky 1 и 2 за детекција и неутрализирање експлозивни направи, беспилотни летала за извидување и набљудување.

Покрај главните активности на полигонот Криволак, вежбовни содржини ќе се реализираат и во касарните во Штип, Прилеп и Петровец. Пристигнувањето на персоналот е планирано да почне на 16 април, свеченото отворање ќе се одржи на 20 април во Пепелиште, а денот за високи гости и затворањето на вежбата се закажани за 27 април.

Како што беше посочено на брифингот, подготовките за оваа сложена вежба траеле осум месеци и вклучувале серија конференции и работилници, со цел да се обезбеди целосна координација, прецизно планирање и исполнување на воените цели, како и натамошно унапредување на интероперабилноста со НАТО партнерите.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ