вторник, 12 мај 2026
Интервју

Андоновски: Борбата против дезинформациите не смее да стане борба против критиката

Европската Унија веќе подолго време работи на решавање на проблемот со странското мешање и манипулирање со информации, кое не завршува само во границите на земјите членки на Унијата. И земјите на Западен Балкан се дел од тој пејзаж. За тоа што прави Македонија за спротивставување на странското мешање и манипулирање со информации разговараме со Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.

Објавено на

часот

Сподели

Колку е ранлива Македонија на странско мешање и манипулирање со информации?
– Македонија е дел од поширок геополитички простор во кој информациите се користат како алатка за влијание, неретко тоа е манипулативно, некогаш и малигно. Како мала и отворена демократија, како членка на НАТО и како земја со јасна европска ориентација, не сме имуни на странско мешање и манипулирање со информации. Ранливоста не треба да ја гледаме само низ призмата на технологијата. Таа е поврзана со довербата во институциите, вкупната состојба на медиумите, нивото на медиумска писменост, политичката поларизација и способноста на институциите брзо да комуницираат со јавноста.

Јас и претходно сум кажал дека дигиталната безбедност не е само техничко прашање. Таа е прашање на отпорност на државата. Истото важи и за информацискиот простор. Ако дезинформациите ја разоруваат јавната доверба, тогаш демократијата потешко функционира. Затоа пристапот мора да биде системски, а не ад хок.

Дали македонските власти досега детектирале некакво странско мешање и манипулирање со информации?

– Кога се зборува за странско мешање, особено ако се посочува држава, организација или конкретен актер, тоа мора да се темели на докази, координација со надлежните безбедносни институции и, кога е потребно, со нашите меѓународни партнери.

Она што можам да го кажам е дека институциите ги препознаваат обрасците на хибридни закани, координирани наративи, сајбер-активности и обиди за влијание врз јавната доверба. За време на Дигиталниот самит на Западен Балкан во 2025 видовме токму еден таков координиран пристап на хибридни активности – обиди за сајбер-напади и влијание врз јавната доверба преку ширење лажни вести за опасности во македонскиот сајбер-простор.

И тогаш, и сега, нашата задача е да не реагираме импровизирано, туку да изградиме методологија. Прво детекција, потоа анализа, потоа институционален и јавен одговор.

Како едно општество треба да ја изгради таа отпорност на вакви обиди за дезинформации и манипулации?

-Борбата против дезинформации не смее да стане борба против критиката. Критиката е здрава за демократијата. Проблемот е кога некој намерно креира лажни наративи, користи лажни профили, прикриено финансира содржини или координира кампањи со цел да ја поткопа довербата во институциите и демократските процеси.

Отпорноста значи граѓаните да добиваат точни информации навреме, медиумите да имаат услови да работат професионално, а институциите да бидат доволно брзи и доволно транспарентни за да не оставаат вакуум што ќе го пополнат манипулации.

Имате ли информации за обиди за купување медиуми во Македонија од странски компании?

-Не би шпекулирал за конкретни случаи доколку тие не се институционално проверени. Странскиот капитал сам по себе не е проблем. Проблем е нетранспарентниот капитал, кога не знаеме кој е крајниот сопственик, какви интереси има и дали медиумот се купува како бизнис или како инструмент за влијание.

Затоа нашиот фокус треба да биде на транспарентноста, не на затворање на пазарот. И сметам дека постојната регулатива тоа го обезбедува. Ако имате транспарентна сопственост, јасни правила за финансирање и функционален регулаторен систем, тогаш јавноста може да процени кој медиум каков интерес претставува. Без транспарентност, ризикот од прикриено влијание е многу поголем.

Голем дел од медиумите во Македонија се борат за опстанок. Нема одржливи приливи на приходи. Се размислува ли за некаква државна поддршка?

– Согласно со членот 105 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од буџетот на Министерството за дигитална трансформација се издвојуваат средства за финансирање на радиодифузната дејност наменета за функционирањето на Македонската радио-телевизија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и ЈП Македонска радиодифузија.

Од друга страна, врз основа на членот 28-а од Законот за медиуми се овозможува финансиска поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми, во висина не поголема од 0,03% од реализираните даночни приходи утврдени во последната донесена завршна сметка на буџетот. По таа основа, за 2025 година, исплатени им се вкупно 43.755.172 денари на 11 медиуми, согласно со јасно утврдени критериуми уредени со законот.

Прашањето е пошироко – дали со евентуална државна поддршка се купува влијание на Владата врз медиумите, или може да се гарантира транспарентност, објективност на критериуми и поддршка на продукција на македонски јазик.

Ова што го наведовте како државна помош е доста селективно и нефер кон дигиталните медиуми, на пример?

-Ова претставува наследена состојба, и можам да се согласам дека исклучува дел од медиумите што придонесуваат силно кон медиумскиот плурализам во државата. Оттука, позната е заложбата на претседателот на Владата и целата Влада за системска поддршка на сите медиуми, новинари и медиумски работници преку интервенција во придонесите што истите ги плаќаат.

ЕУ дефинира некаков пакет алатки за спречување на странското мешање и манипулирање со информации. Применуваме ли ние нешто од тоа?

– Странското мешање и манипулација со информации како нов облик на хибридна закана во современиот свет, активно и континуирано се следи како од надлежните владини институции, така и од граѓанскиот сектор. Медиумите во Македонија сѐ почесто се цел на манипулации, како и пренесување дезинформации, кои потоа поттикнуваат говор на омраза преку социјалните мрежи.

Усвоена е новата сајбер-стратегија, стратегијата за информациско-комуникациски технологии, како и Законот за безбедност на мрежи и информациски системи, усогласен со европската директива НИС2. Исто така се работи на подготовка и усвојување на повеќе од 20 подзаконски акти, сертификација на сајбер-професионалците и стандардите што се однесуваат на набавките во сајбер-безбедноста, како и постепено проширување на обврските кон приватниот сектор, особено во енергетиката, телекомуникациите, банкарството и други критични индустрии. Паралелно со ова државата работи и на заштита на најранливите категории – децата и младите. Конституирани се и веќе активно работат Центарот за побезбеден интернет и Националниот комитет за заштита на деца на интернет.

Тие хибридни напади, дезинформации, манипулации… се дел и од домашната сцена. Што се прави тука?

-За жал, точно е. Постојат обиди за намерно ширење лаги, дезинформации и манипулации. Уште поточно е дека една опозициска партија е еден од главните извори на ваквите чекори. Не треба да потсетувам за помпезните прес-конференции на опозициската СДСМ, кога со месеци ја дезинформираа јавноста за наводно враќање на нелегални мигранти од Обединетото Кралство и нивно населување во Македонија. Во рамките на оваа кампања со дезинформации, опозицијата обвинуваше и дека договорот за стратегиско инвестирање помеѓу Македонија и Обединетото Кралство е токму во таа насока, со познатиот слоган „мигранти за пари“. Вакви дезинформациски кампањи се организирани постојано и на други економски и социјални теми. Исклучително висока е штетата што ја причинуваат во довербата на граѓаните во системот, улогата на новинарската професија и севкупниот социјален развој. Во таа насока ќе бидат активностите што ги предвидуваме со првата Стратегија за медиумски развој, каде што ќе дискутираме и за овие теми со оние што најдобро ја познаваат оваа проблематика – медиумските работници.

За две години се редовните парламентарни избори, период „подобен“ за странско мешање. Што правиме ние за да ги спречиме ваквите ризици?

-Ризици има и ќе постојат. Клучна алка во справувањето со овие прашања ќе биде реформата на изборното законодавство, како и соработката помеѓу Државната изборна комисија, Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, Министерството за внатрешни работи и нашето министерство. Се надевам дека ќе успееме со добра регулатива и силна соработка да превенираме дел од заканите, но и да изградиме отпорен систем што ќе им се спротивстави кога ќе се случат.

Колку Вашето министерство и МВР се подготвени за синхронизиран институционален одговор на евентуално странско мешање и за помош на медиумите?

– Институциите работат на градење и развивање механизми за справување со овие видови предизвици. Тоа е во насока на создавање обучени кадри што ќе можат во иднина да се справуваат со ваквите проблеми, потоа зајакната меѓуинституционална координација заради превенција, рано предупредување и навремено и успешно справување со инцидентите, како и измена на постојната законска регулатива, која ќе биде усогласена со меѓународната практика. Во декември 2025 година во Скопје се одржа годишната конференција „Хибридни и информациски закани: од препознавање кон национален системски одговор“, на која беа претставени неколку национални модели како позитивни примери за градење отпорност. Заложбите се државата да изгради визија што ќе препознава рано, институции што ќе реагираат брзо и професионално, општество и систем што ќе бидат отпорни на такви закани.

Во текот на минатиот месец, започнавме огромен проект во соработка со Владата на САД и Универзитетот во Штип за дефинирање нови студентски програми, профили на квалификации и нивно обучување и сертификација во сите облици на сајбер-заштита. Тоа неминовно ќе ги опфати и лажните вести, манипулациите, злоупотребите на вештачката интелигенција.

Дали и како европскиот Закон за дигитални услуги ќе се вгради во земјава? Министерството за дигитална трансформација ја има обврската да биде координатор за овој закон. 

– Оваа година започна спроведувањето на проектот „Усогласување со дигиталната и медиумската правна рамка на ЕУ и развој на вештини за дигитална трансформација“, помогнат од Канцеларијата на ЕУ во Скопје. Во рамките на Компонентата 1 од проектот, предвидена е анализа на Законот за дигитални услуги и Законот за дигитални пазари, за што е формирана работна група со претставници од институциите помогната од домашни и меѓународни експерти. Координатор на овие активности е Министерството за дигитална трансформација. Во тек е анализа на постојните состојби, кои треба да дефинираат дали имаме капацитет, кои се нашите можности, каков треба да биде пристапот и која е улогата на овие регулативи. Истовремено, треба да размислуваме за капацитетите за имплементација на ова законодавство во практиката, нешто за што се води активна дебата и во ЕУ.

Исто и за Европскиот закон за слобода на медиумите? До каде е процесот? И што значи примената на овој закон во Македонија? 

– Согласно со истиот проект помогнат од ЕУ, во рамките на Компонентата 2 започнаа активности во насока на подготовка на Стратегија за развој на медиумскиот сектор со Акциски план и транспонирање на Законот за слобода на медиумите (Media Freedom Act) во националната законска регулатива. Овие обврски произлегуваат и од Патоказот за владеење на правото. Формирана е работна група за медиумски политики, која врши следење, соработка и известување за спроведувањето на проектот. Таа е составена од претставници на Министерството за дигитална трансформација, Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за правда, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Македонскиот институт за медиуми и Здружението на новинарите на Македонија. Во работната група дополнително ќе бидат вклучени и сите засегнати страни, а од голема помош е учеството на домашни и европски експерти, кои даваат сериозен придонес во подготовката на овој важен документ.

Планирано е Стратегијата да содржи поглавја што ќе дадат насоки најпрво за реформи на законската регулатива преку транспонирање на европското во македонското законодавство, реформи и одржливост на јавниот радиодифузен сервис, регулаторното тело, позицијата на националните и регионалните ТВ-станици, националните и регионалните радија, печатените медиуми, онлајн-медиумите, социјалните мрежи, улогата на саморегулаторното тело, стратегијата ќе содржи насоки за решавање на предизвиците со медиумската сопственост, медиумската концентрација, заштитата и безбедноста на новинарите и медиумските работници, социјалните права на медиумските работници, професионалните стандарди на медиумите, нивното финансирање, државното и политичкото рекламирање, кои треба да бидат согласно со европските стандарди, потоа следењето на дигиталните технологии и ред други прашања што го засегнуваат медиумскиот сектор во целина. Работната група формирана за подготовка на Стратегијата, ќе работи и на усогласувањето со европскиот Закон за слобода на медиумите. Временската рамка за реализација на проектните активности е 20 месеци.

Александар Дамовски

Фото: Роберт Атанасовски

Оваа содржина Мкд.мк ја изработи во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“ финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на британската влада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ