Обраќајќи се пред присутните, претседателката истакна дека географската оддалеченост не значи и духовно оддалечување од татковината, нагласувајќи дека припадниците на дијаспората и натаму се силно поврзани со Македонија.
„Глеткава пред мене е јасна и силна потврда дека географската дистанца не мора да значи и духовно оддалечување од татковината. Пред себе гледам луѓе кои, иако не живеат тука, се уште имаат емоција, чувство, па и гордост, на припадност, истетовирана во нивните срца од предците“, истакна Сиљановска-Давкова.
Таа посочи дека и покрај гордоста од успехот на македонските професори, лекари, инженери, научници и претприемачи во странство, државата има потреба од посилна и подинамична соработка со нив.
„Македонската држава има насушна потреба од соработка со дијаспората, не само преку бизнис инвестиции, туку и преку знаењето, искуството и контактите што Македонците ги создаваат низ светот“, нагласи претседателката.

Говорејќи за современите предизвици, таа укажа дека во време на забрзани технолошки и геополитички промени, конкурентноста на државата зависи од човечкиот потенцијал и неговото правилно искористување, при што ја истакна важноста од проектите на „Македонија 2025“, како Охрид кампот за високотехнолошка извонредност.
Сиљановска-Давкова нагласи дека дијаспората денес не е хомогена структура, туку динамичен простор составен од различни генерации, посочувајќи дека особено охрабрувачки е сè поголемиот интерес на младите родени во странство за македонскиот јазик, култура и традиција.
На свеченоста претседателката им честиташе на годинешните добитници на признанието „Македонија 2025“ – д-р Ичак Калдерон Адижес, Елизабет Наумовски и Антонијо Трпевски – истакнувајќи дека нивната работа остава траен белег во земјата и во меѓународни рамки и претставува силна мотивација за идните генерации.
Признанието во соработка со Македонија 2025, се доделува на истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во зачувување и афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности, како и јакнење на националните и државни интереси и капацитети.
На настанот се обратија и Никица Мојсоска Блажевски, главна извршна директорка на Македонија 2025, Мајкл Чкламовски, член на Одборот на директори на Македонија 2025, како и Елизабет Наумовски и Антонијо Трпевски, добитници на признанието за придонес на припадниците на дијаспората.






