Агенцијата за храна и ветеринарство издаде наредба за забрана за користење на водата во Гостивар, што подразбира целосна забрана, и до моментот додека нема други насоки, Институтот за јавно здравје исто така се држи до овој став – соопшти на денешната прес-конференција во Владата директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, одговарајќи на новинарски прашања дали водата во Гостивар е безбедна за користење и за каква намена може да се користи.
Андоновска рече дека како Институт добиле барање за излегување на терен во четвртокот и дека тој процес воопшто не бил едноставен, ангажирани биле екипи, кои зеле примероци во ноќните часови.
„Ние имаме добиено барање за излегување на терен во четвртокот и тоа не е толку едноставен процес, таму треба да се пречекаат и другите екипи. Има повеќе локации, можеби не се сите на исто место, така што сепак работата не е толку едноставна за да може да се заврши така бргу. Она што е многу поважно е дека јас навистина ги поздравувам сите оние што биле на терен во такви услови, вечерно време и толку долг процес да издржат, да бидат професионални во својата работа и да не отстапат од насоката, од задачата што ја добиле доследно и професионално да ја завршат работата и да се вратат со примероците. Јас ги поздравувам сите оние што учествувале на кој било начин во земањето примероци, тоа е многу поважно. Дали биле попречувани, немам информација во моментот“, рече Андоновска.
Во однос на водата во Гостивар, Андоновска е децидна дека Агенцијата за храна и ветеринарство веќе има издадено забрана за користење на водата, што подразбира целосна забрана за користење на водата. Препораките на Институтот сè во истата насока, посочи Андоновска, и сè до моментот додека трае забраната, треба да бидат почитувани сите препораки што се дадени.
„По отстранувањето на оваа забрана, следуваат нови препораки, но до тој момент исто така стоиме на ставот дека треба да се продолжи да се почитува насоката дадена од надлежната институција, тоа е Агенцијата за храна и ветеринарство“, рече Андоновска.
Во однос на контролата на водата, директорката на Институтот рече дека водата треба да ја контролира на дневна, т.е. неделна основа, самото претпријатие во Гостивар и должно е да обезбеди надворешни оператори. Андоновска соопшти дека претпријатието распишало тендер и се јавиле повеќе оператори и како економски оператор се јавил Институтот за јавно здравје, кој добил само две посети.
„Значи, само две посети требало да бидат од страна на Институтот на барање на самиот оператор. И тие две посети се искористени. Не ме држете за збор (кога), но посетите се искористени и направени“, рече Андоновска.
Во однос на прашањето за клиничката слика, директорката на ИЈЗ рече дека е широка и симптоматска и може да опфати повеќе одредени заболувања. Појаснувајќи што значи присуство на фекални бактерии и доколку водата е користена од граѓани, хипотетички, тогаш сликата, вели таа, може да биде полесна, но и да има и посериозни компликации.
„Доколку, хипотетички зборуваме, во една вода се најдат фекални бактерии, т.е. колиформни бактерии, и таа вода се утврди дека е користена од страна на одредени лица, може да се јави симптоматологија од ваков тип како што имаат. Но тоа е еден широк спектар на клиничка слика, така што може да се јадат вакви стомачни проблеми како што имаат во моментот граѓаните на Гостивар, а тоа може да помине и со полесна клиничка слика, но може тие ентероколити да резултираат и со одредена дехидратација, т.е. компликација, и тоа да доведе до дехидратација“, рече Андоновска.





