Во партнерство со проектот ХОПЕ, преку проектот Перимак, обезбедена е современа медицинска опрема во вкупна вредност од околу половина милион американски долари, наменета за болниците во Гостивар, Велес, Струмица и Струга. Само за Општата болница во Гостивар вредноста на опремата изнесува околу 130 илјади американски долари.
Се работи за ехо апарати, инкубатори, вормери, монитори за пациенти и новороденчиња, ЦТГ апарати, инфузиони пумпи, родилни кревети, апаратура за фототерапија и друга медицинска опрема. Во рамки на оваа соработка досега е обезбедена медицинска опрема во вредност над 3,5 милиони американски долари и се обучени повеќе од 1.000 здравствени работници.
„Како Министерство за здравство, нашата определба е регионалните болници да бидат силни, функционални и добро опремени. Затоа, секоја ваква поддршка ја гледаме како дел од пошироката политика за подостапно и поквалитетно здравство во целата држава“, рече Алиу.